Велешанецот М.А. со години измамувал десетици пациенти со карцином во Македонија, на начин што им вбризгувал „кубанска вакцина“ против рак во нивните домови како надеж за подобрување на здравствената состојба, а притоа наплаќал илјадници евра, иако оваа вакцина не е регистрирана во Македонија, ниту, пак, е потврдено што има во составот на инјекциите кои им ги ставал на болните, пишува Слободен печат.

Од „Слободен печат“ разговарале со десетина семејства на пациенти, од кои најголемиот дел се починати, кои за една доза од таканаречената „кубанска вакцина“ на велешанецот му плаќале 3.200 евра. На бензинска пумпа, на автопат, во плик, на трансакциска сметка – ова се дел од местата и начините на кои фамилиите му ги давале парите.

Сите раскажале дека кога ќе влезел дома кај пациентот – велешанецот ги сокривал иглите и амбалажата од присутните „како магионичар“, одбивал да им го даде пакувањето од „вакцината“ и всушност до ден денешен не знаат што примиле нивните блиски кои страдале.

Порталот располага со конверзации што семејствата ги воделе со велешанецот, банкарски налози за уплатите кон него од кои дел се на трансакциска сметка – од кои се потврдува дека велешанецот барем во еден наврат, откако бил разоткриен дека „кубанската вакцина“ не е тоа што тој тврдел дека е, одбивал да ги врати парите на син на жена која боледува од рак.

Затоа синот отишол и го пријавил во полициската станица Кавадарци.