Една жена загина, а друга е тешко повредена откако врз нив паднало дрво за време на силните бури што во текот на ноќта предизвикаа и голема материјална штета во повеќе делови од Германија, соопшти германската полиција.
Двете жени, на возраст од 58 и 47 години, се шетале во Валдорф, во западната сојузна покраина Рајнска област-Пфалц, на околу 50 километри јужно од Келн. Кога започнало невремето, тие побарале засолниште под настрешница, но силниот ветар искорнал блиско дрво кое паднало директно врз нив. Постарата жена починала на местото на несреќата, додека 47-годишната жена со тешки телесни повреди итно била пренесена во болница.
Бурите оштетиле десетици куќи и собориле голем број дрвја во западна и централна Германија. Околу 60 објекти се оштетени во Вецлар, во сојузната покраина Хесен, соопшти противпожарната служба, додека во неколку куќи во соседниот Солмс повеќе не е можно да се живее. Според полицијата, постои можност дел од разорната штета да била предизвикана и од воздушен вртлог.
Бројни интервенции на итните служби беа забележани и во сојузните покраини Тирингија, Бранденбург и Баварија, каде што паднатите дрвја оштетиле повеќе возила, но за среќа нема други повредени лица.
фото: архива




