Канада од 8 септември ќе воведе царини за увоз на стоки од САД од повеќе сектори, како одговор на новите американски царини од 50 проценти, соопшти канадскиот премиер Марк Карни.

Одлуката следува откако САД и Канада по неколкудневни преговори не успеаја да постигнат договор, што дополнително ги влоши односите меѓу долгогодишните трговски партнери и сојузници и ја доведе во прашање иднината на Северноамериканскиот договор за слободна трговија меѓу САД, Мексико и Канада (USMCA).

Новите американски царини го опфаќаат увозот на канадски производи од повеќе сектори, меѓу кои мебел, млечни производи, цемент, текстил, опрема за хокеј, риболовна опрема, во вкупна вредност од близу 20 милијарди долари. За тие производи повеќе не важи ослободувањето од царини предвидено со USMCA.

„Канада ќе одговори на новите царини на Вашингтон долар за долар, за да ги заштити канадските работници, земјоделци, семејства и компании“, изјави Карни пред медиумите.

Канадските контрацарини ќе опфатат сектори како челичната индустрија, млечните производи, апаратите за домаќинство, земјоделската опрема, целулозно-хартиената индустрија и електрониката, како и други производи кои моментно се опфатени со американските царини воведени врз основа на членовите 232 и 338 од Законот за проширување на трговијата.

„Не можеме да го прифатиме она што тие ни го нудат и нема да им го дадеме она што го сакаат“, порача Карни во говорот пред канадскиот Парламент.

МИА