Европската Унија ја потврди својата поддршка за суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Украина во пресрет на 35-годишнината од нејзината независност, која ќе се одбележи на 24 август.
Европската комисија објави дека ЕУ ќе продолжи да ја поддржува Украина во нејзините напори за постигнување, како што е наведено, сеопфатен, праведен и траен мир, како и на нејзиниот пат кон Европската Унија.
Од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, ЕУ и нејзините земји-членки обезбедија вкупно 220,2 милијарди евра хуманитарна, финансиска и воена помош за Украина, се посочува во соопштението.
Европската комисија, исто така, истакнува дека во последните месеци ЕУ ги обезбеди првите исплати во рамките на заемот за поддршка од 90 милијарди евра за Украина, наменет за зајакнување на одбранбените способности на земјата и нејзината реконструкција.
Во меѓувреме, ЕУ го усвои и 21-от пакет санкции против Русија, со што дополнително се ограничува можноста на Москва да ја финансира војната и да извршува напади врз украинските цивили и инфраструктура.
– ЕУ ги предводи напорите за обезбедување реконструкција и долгорочни инвестиции во украинската економија, како што беше потврдено и на Конференцијата за реконструкција на Украина во јуни. Таа игра клучна улога во обезбедување на враќањето на украинските деца присилно раселени или депортирани од Русија, како и во повикувањето на Русија на одговорност за нејзините злосторства, вклучително и преку Меѓународната комисија за барања и Специјалниот трибунал за злосторство агресија против Украина“, соопшти ЕК.
Фото: Архива




