Секоја недела во раните утрински часови повеќе православни верници се упатуваат кон Матка, на литургија во манастирот посветен на Успението на Пресвета Богородица. Доаѓаат и на празници, на вечерни бденија, да помогнат доколку сестринството во манастирот има потреба од тоа, но и да научат како се изработуваат бројаници, кадилници, да цртаат, да бојат… И покрај тоа што Матка е едно од најпознатите туристички места во Скопје и има бројни посетители, овој православен храм, затскриен на една височинка на влезот од кањонот, има посебен мир и е духовна храна за многумина, како од главниот град, така и од други делови на земјата и пошироко.
Понекогаш е доволно само да застанете во дворот на манастирот, да се помолите и притоа да го слушнете пеењето на птиците и жуборењето на реката Треска, која се наоѓа во близина, и да почувствувате мир и благодат што ќе ве следат со денови.
Манастирот Успение на Пресвета Богородица (познат и како Манастир Матка) се наоѓа веднаш на левиот брег на реката Треска, пред браната на езерото Матка, на околу 17 километри од центарот на градот Скопје. Тој е активен манастир во кој постои женско монашко сестринство. Датира од 1337 година, а фреските се од 1497 година. Тука имало ранохристијански храм од четврти до шести век, заклучно со шести век.
Малата црква во дворот на манастирот понекогаш е претесна да ги прими сите верници и затоа кога дозволуваат временските услови службите, крштевките и венчавките се одржуваат во дворот на манастирот. За таа цел од пред неколку години е фрескоживописан мал параклис.

Игуманијата на манастирот Перпетуа раскажува дека по последната монахиња игуманија Сузана која живеела во манастирот во шеесеттите години од дваестиот век, потоа тука кратко во периодот од 1972 – 74 година живеел преподобен Гаврил Епископ Велички. Со мал прекин во континуитетот на монаштвото, во 1998 година манастирот повторно заживува. Монаштвото се возобновува во облик на женска обител.
-На почетокот кога дојдовме во манастирот, требаше да обезбедиме основни услови за нормално функционирање на една обител, од реновирање на конаците и црквата до спроведување на водовод и канализација. Им благодариме на Бога и Мајката Божја за сите богољубиви и благочестиви луѓе кои низ годините според потребите несебично ни помагаа и помагаат, кој материјално кој со физичка помош, да го подигнеме манастирот. Од самиот старт се појави потреба да развиеме манастирска економија, оформивме мало атеље за изработка на свештени одејанија. Почнавме со бебешки чекори, прво со попримитивни машини за денес да имаме три пософистицирани машини за везење – вели сестра Перпетуа.

Во атељето на манастирот се изработуваат владички, свештенички и ѓаконски одежди, како и комплетно облекување на една црква.
-Нашата работилница е мала, процесот на работа е бавен бидејќи изработуваме покомплесни одејанија (инспирацијата ја црпиме од црковната орнаментика и народното творештво). Секој пар одежди е еден сериозен проект, од дизајнирање до везење и шиење. Процесот на изработка трае и по неколку месеци. Бидејќи во текот на една година изработуваме мал број на одејанија, од десет до петнаесет, работиме исклучиво по порачки, за цела православна екумена. Сме имале порачки од разни страни на светот, како за владици, така и за свештеници, од Алјаска, Финска, Русија, Австралија, Грција, Америка до Хаваи… Најсвежо сега правевме облекување за чудотворната хавајска икона на Пресвета Богородица, што претставуваше голема радост и чест за нас – посочува игуманијата Перпетуа.

Од монашки ракоделија покрај плетење бројаници во манастирот се прават мацерати (инфузирани лековити масла од разни билки), од мацератите и пчелин восок сестрите прават креми, ликери, а во атељето се изработуваат торби, разделници и врамени везови со стилизирани орнаменти.
Од пред некоја година во манастирот се организираат работилници за различни ракоделија како што се оплеменување на шољи, кадилници и други предмети во техника на декупаж, цртање со контур пасти, везење и грнчарство. Сестрите имаат неколку сандаци пчелни семејства, чуваат кокошки на отворен простор, а имаат и сопствено производство на овчо сирење.
-Покрај економијата, цело време имаме обврски околу уредувањето на манастирскиот комплекс и чести градежни дејствија. Во постојани напори сме со институциите за да се преземат мерки за реставрација на црквата која е нападната од влага – вели за МИА, игуманијата Перпетуа.

На 28 август е еден од најголемите православни празници Успение на Пресвета Богородица, и воедно нивната манастирска слава. Голем број верници од околината и Скопје, но и пошироко одат да запалат свеќа и да и се помолат на Мајката Божја уште во предвечерието на празникот на 27 август. Вечерната богослужба е планирано да започне во 18 и 30 часот, а традиционално ќе се одржи и сеноќно бдении. Светата божествена литургија на 28 август ќе започне во 8 и 30 часот.
По повод Успението на Пресвета Богородица (28 август) за претстојната манастирска слава, ќе биде обезбеден дополнителен организиран превоз за сите верници и посетители. Покрај редовната автобуска линија бр. 60, ќе сообраќа и дополнителен автобус по потреба до Полициската станица Матка. Оттаму, посетителите ќе бидат преземани со минибус до најблиската пристапна точка до манастирот

-Интензивно се подготвуваме за претстојната манастирска слава, од реновирање на кујната во која се готви за слава, до градење на трем на кој ќе може да се седне и руча. Сестрите заедно со верниците кои редовно ни помагаат во манастирот, правиме работни акции за чистење и уредување на манастирот и дворовите, организација околу храната за слава – посочува игуманијата Перпетуа.

Заради туристички масовната посетеност на кањон Матка, тие се обратиле до надлежните институции за јавниот превоз да се овозможи што поблиска пристапна точка до манастирот, за верниците полесно да можат да дојдат и молитвено да земат учество во празничните богослужби.
-Со благослов на Мајката Божја се надеваме дека се’ ќе се одвива како што треба и со радост ќе го дочекаме Успението на Нашата Владичица и секогаш Дева Марија – Пресвета Богородица! – посочува игуманијата Перпетуа. (МИА)




