На територијата на државата денеска до 13:00 часот се регистрирани вкупно 10 пожари на отворен простор, од кои седум се активни, еден е ставен под контрола, додека два се изгаснати.
Како што соопштуваат од Центарот за управување со кризи (ЦУК), активни се пожарите во општина Ресен, на потегот меѓу селата Бела Црква и Подмочани, каде гори борова шума и ниска вегетација, пожарот во општина Сарај, помеѓу селата Копаница и Радуша каде гори нискостеблеста шума и ниска вегетација, пожарот во општина Јегуновце, кај селото Копанце каде гори мешана шума, во општина Чашка над селото Нежилово, на местото викано Сватови каде гори ниска вегетација и единечни дрва, општина Боговиње кај селото Урвич, каде гори нискостеблеста вегетација, општина Студеничани над селото Палиград, каде гори мешана шума и пожарот во општина Долнени помеѓу селата Лажани и Кошина каде гори ниска вегетација.
Под контрола е пожарот на територијата на општините Гостивар и Македонски Брод, кој се протега од селото Трново кон селата Битово, Заград и Страјане, каде што се зафатени нискостеблеста шума, ниска вегетација, пасишта и папрат.
Целосно се локализирани два пожари, и тоа во општина Старо Нагоричане кај селото Челопек каде што гореле ниска вегетација и стари греди и во општина Тетово покрај патот Попова Шапка – Бачила „1 Мај“ каде горело смрека и борова шума.




