Долгометражниот игран филм „17“, во режија на Косара Митиќ и во продукција на „Црна мачка продукција“, е избран за македонски кандидат за наградата „Оскар“ во категоријата најдобар меѓународен долгометражен филм.
Одлуката ја донесе комисијата за избор на национален кандидат за „Оскар“ при Друштвото на филмските работници на Македонија, чиј состав е прифатен и одобрен од Американската академија за филмски уметности и науки: Марија Димитрова – претседател на комисијата и продуцент, Антонио Митриќески – режисер, Дејан Димески – директор на фотографија, Иван Бартлинг – сценограф, Георги Унковски – режисер, Теута Ајдини-Јегени – актерка и Сара Феро – продуцент.
За изборот за кандидат за „Оскар“ оваа година, покрај „17“, бил пријавен и долгометражниот игран филм „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума.
За својот прв долгометражен филм, режисерката Митиќ изјави дека е проект во кој вложила многу лична енергија и верба.
– Сметам дека успеав да раскажам приказна за она што често останува премолчено – за агонијата на тишината, но и за силата на солидарноста. Меѓународната афирмација на филмот и патот од премиерата на Берлиналето, па сè до изборот за македонски кандидат за „Оскар“, е огромно професионално задоволство и истовремено потврда дека оваа интимна приказна успева да допре до публиката и до сите оние што досега дадоа оценки за „17’“, изјави режисерката Косара Митиќ по повод кандидатурата за номинирање за „Оскар“.
Продуцентот Томи Салковски, пак, изјави дека е големо признание, но и сериозна обврска да се биде македонски кандидат за „Оскар“.
– Пред нас е важен период во кој треба да обезбедиме уште поголема меѓународна видливост на филмот и со многу посветеност да ја искористиме можноста „17“ да стигне до членовите на Академијата и до пошироката филмска јавност. Неопходно потребни ќе ни бидат институционалната поддршка и поддршката од филмската заедница, медиумите и публиката. Нашата цел е да направиме сè што е во наша моќ „17“ да стигне до престижната номинација за „Оскар“ и со тоа да ја возвиши националната култура – истакна Салковски.
Светска премиера „17“ имаше во програмата „Перспективи“ на 76. Берлински филмски фестивал и досега има освоено 11 меѓународни награди. Меѓу нив се наградата за најдобар филм на Меѓународниот филмски фестивал во Уругвај; наградата за дистрибуција на Филмскиот фестивал во Болцано; наградата од публиката и специјалното признание за Ева Костиќ на Меѓународниот филмски фестивал во Лас Палмас; наградата за најдобра актерка за Ева Костиќ на Bella Tofifest во Полска; наградата GWFF за најдобар меѓународен дебитантски филм на Филмскиот фестивал во Ерусалим; „Срцето на Сараево“ за најдобра актерка за Ева Костиќ, специјална награда за промовирање родова еднаквост, наградата Cineuropa и наградата од публиката за најдобар игран филм на Сараевскиот филмски фестивал; како и „Златна мимоза“ за најдобра режија за Косара Митиќ на Филмскиот фестивал во Херцег Нови.
Во филмот „17“ играат Ева Костиќ, Мартина Даниловска, Ева Стојчевска, Петар Маниќ, Ирена Димеска, Луна Бејков, Христијан Ристески, Алина Христовска, Даме Јовески, Јован Тодоров, Мина Јелушиќ, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ, Ана Стојановска, Жаклина Стевковска, Сашко Коцев и Оливер Митковски.
Сценариото е на Косара Митиќ и Огњен Свиличиќ, продуценти се Томи Салковски и Кристијан Буровски, директор на фотографија е Наум Доксевски, сценографи се Дејан Ѓоршевски и Александра Чевреска. Костимограф е Жаклина Крстевска, шминка и фризура – Карла Лазиќ од Србија, снимател на звук – Аљаж Лукан од Словенија и монтажер Владимир Павловски. Филмот е на „Црна мачка продукција“, во копродукција со „Арт&попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија, а меѓународен продажен агент е „Тотем“.
Свеченото доделување на 99. награди на Американската академија за филмски уметности и науки ќе се одржи на 14 март 2027 година во Лос Анџелес. Листата на филмови што ќе влезат во потесниот избор за „Оскар“ ќе биде објавена на 15 декември 2026 година, а номинациите за 99. „Оскари“ ќе бидат објавени на 21 јануари 2027.




