Никој од нив не отиде во Македонија – на самото место да види како Македонците стенкаат во грч и во агонија под тешкиот јарем на српската и грчката тиранија! Страшно е: во денешно време цела Македонија е опкружена со српски и грчки гробари; тие официјално заедно ѝ копаат гроб на тримилионската македонска нација! Словенофилите како деца наивно верувале во ‘братскиот сојуз’ на Бугарите, Србите и Грците; тие не ја знаеле вистинската психологија на овие народи – шовинизмот. Целото ткиво на организмот на српската, бугарската и на грчката влада е проткаено со политикантство и отруено со бескарактерен, неморален и престапнички шовинизам; сојузниците никогаш не се сакале меѓусебно, тие никогаш не биле ослободители, туку грабачи и како скакулци нагрнаа на несреќната Македонија. Свесниот дел од македонската интелигенција говори дека е потребна автономија на Македонија; таа како тампон-држава би послужила како громобран за уништување на антагонизмот и на многуте големи зла од кои хронично страдаат довчерашните сојузници; и дека поделбата на Македонија е почеток на распарчувањето и систематското истребување на јужното словенство и гроб за балканскиот сојуз (пророштвото се исполни)“, пишува Гаврил Константинович, меѓу другото, во својата агитка од четири страници.

На 1 септември 1918 д-р Константинович е убиен како една од многуте човечки жртви на крвожедната политика на балканските држави.

Гаврил Константинович e македонски револуционер, општественик, лекар и воено лице, родум од с. Смрдеш, Костурско, денешна Грција. Гимназиското образование го почнува во родното место, а го завршил во Белград, по што во 1901 година продолжува на Воено-медицинската академија во Санкт Петербург, Царска Русија. Тука во 1902, заедно со Димитрија Чуповски, Атанас (Наце) Димов, Стефан Дедов и други македонски дејци, влегува во Македонското научно-литературно другарство „Св. Климент“ и е избран за негов потпретседател. Во Руско-јапонската војна зел учество како лекар и добива медал на Црвениот крст и воен медал.

Д-р Константинович служи како медицинско лице и при изградбата на руската средноазиска железница и во Харбин, Манџурија (денес во североисточна Кина, 1909 – 1911), каде што учествува во сузбивањето на чумата. Се враќа во Петроград.

Во 1914 г., под лажното име Вражиновски, објавил свој осврт во облик на политички леток – агитка наменет за словенофилите во Русија, со наслов „Словенофили и нововременски македонофоби“. Написот е насочен против лажните словенофили во редакциите на „Славјански вести“ („Славјански известија“) и „Ново времe“ („Новое времја“) и за нивниот крвожеден однос кон Македонија и Македонците.

„СЛАВЈАНСКИТЕ“ И „НОВОВРЕМЕНСКИ“ МАКЕДОНОФОБИ

Занимливо, написот почнува со крилатицата: Најдобриот пат во животот е – спасувањето на човекот од човек. Потоа Вражиновски вели дека словенофили денес не постојат – сите идеали, мисли, желби и стремежи на словенофилите веќе не виреат во XX век; тие живеат со „лажни пасоши“ и стари документи од архивата на покојните словенофили.

– Старите словенофили биле нешто. Тие не биле само херои, туку и маченици на своите идеали. Тие еднакво братски ги сакале Словените – и Србите, и Бугарите, и Македонците и сите други. Во денешно време словенофилската армија е „моќна и страшна“; при нејзината мобилизација за „словенски ручеци“ и „словенски понеделници“ таа претставува импозантна бројка од 10 до 15 луѓе (најмногу јужни Словени – Македонци, Срби и Бугари). Оваа безначајна сила на словенофилите е тажен факт и смртен удар за нив самите. Напредниот дел од руското општество, рускиот народ и целото словенство гледаат на нив како на камелеони, кои ја менуваат својата боја под влијание на времето и местото – забележува иронично Вражиновски.

Авторот ги дели словенофилите на два табора: бугарофилите во „Славјански вести“ и србофилите во „Ново време“, кои ги опишува како особено бездушни.

„И двата табори се занимаваат со прогон, поделби, клевета, политиканство – воопшто, со сè што е спротивно на словенската слобода и словенското обединување. На нивните плочи е напишано: ‘За и против словенството’, т.е. тие се пријатели на едната словенска нација и жестоки непријатели на другата. А свечено признаваат дека поробувањето и уништувањето на политичката и националната слобода на словенска Македонија е корисно и исплатливо дело за словенството“, се истакнува во написот.

Вражиновски нагласува дека е срамота тоа што овие т.н. словенофили не кажале ниту збор за автономијата на Македонија, па дури не сакале да ги објават ни познатите македонски меморандуми од март претходната 1913 година. Кога сојузниците од балканскиот сојуз против Отоманска Турција, вели, предавнички ја распнуваа татковината на св. Кирил и Методиј, никој од словенофилите не протестирал.

– При секоја незначителна победа на сојузниците словенофилите приредуваа банкети, пиеја шампањско на словенските ручеци и речиси секој ден им испраќале на сојузниците братски телеграми благословувајќи ја срамната и предавничка поделба на Македонија. При секое настапување на Македонците во корист на својата татковина тие веднаш беа жестоко напаѓани од словенофилската „армија“, во сојуз со Бугарите и Србите. Македонците се обвинувани речиси за предавство на словенството; дури ги нарекувале и агенти на Австрија – продолжува Вражиновски.

Тој притоа аргументира дека Македонците никогаш не му биле непријатели на словенството и никогаш не оделе „на поклонение во Виена и Берлин“, како што тоа го правеле Србите и Бугарите, т.е. Милан Обреновиќ, крал на Србија, и бугарскиот премиер Стефан Стамболов.

„Нека сега словенофилите ги жнеат плодовите на своите идеали; тие веќе почнале да добиваат низа писма од Бугарија и Србија со следнава содржина: ‘Ви советувам вам, руски словенофили, да изгорите и да се фрлите во Нева и да умрете заедно со вашите изживеани идеали’… Еве како им се заблагодаруваат Србите и Бугарите на руските словенофили. Братоубиствената војна им нанела смртен удар на руските словенофили и засекогаш ги погребала нивните износени и за ништо неугодни идеали. Маските паднаа! Доста е тргување со словенските чувства под старата фирма и со старите патенти на ‘хомјаковштината’!“, цитира Вражиновски.

Инаку, Алексеј Хомјаков е еден од раните идеолози на словенофилството, кој живеел во првата половина на XIX век.

„Еве примери за безграничната љубов на словенофилите кон Македонците: ‘Автономијата на Македонија ѝ оди во прилог на Австрија; непријателите на словенството и агентите на Австрија во денешно време сакаат автономија; либералните устави на Бугарите, Србите и Грците им гарантираат слобода на сите Македонци, повеќе од тоа Македонците ништо не сакаат; автономијата на Македонија ќе предизвика непријателство меѓу сојузниците и ќе предизвика братоубиствена војна. И само петмина (sic!) Македонци сакаат слобода и самостојност на Македонија’ итн. Коментарите се излишни. Такви бесмислици може да пишуваат само првите кандидати за (психијатриската) болница… Кажете им на Французите дека само пет Французи сакаат слобода на Елзас и Лотарингија – целата француска нација би рекла дека тоа мора да биде или провокатор или некој лудак кој случајно избегал од болница и почнал да пишува во ‘Славјански вести’“, пишува Вражиновски.

„Само пет“ – така било напишано во оригиналниот напис. Натаму, тој иронично вели дека „само петмина Срби сакаат ослободување на Босна и Херцеговина“ – и ако некој сериозно го рече тоа, сите Срби како еден би го прогласиле за лудак кој случајно нашол засолниште во „Славјански вести“. Ја одгатнува и метафората за „гнојното воспаление“ и „хирургот“.

„Македонофобите од ‘Ново време’ ниту за милиметар не му попуштаат на својот побратим (‘Славјански вести’). Еве што пишуваат во написот ‘Србите во Македонија’ (по повод српската нарачка): ‘Србите не може да навлекуваат кадифени ракавици (на џелатите не им требаат ракавици, забелешка на Г. К.) преземајќи го управувањето со такви области кои се воспитувале во духот на востание против месните (турски) власти. Има гнојно воспаление (т.е. Македонија), и тоа се отсекува со сигурната рака на хирургот (Србија); боли, но што да се прави – не остана ништо друго, само како да се дејствува со сурово репресивни мерки’… Ужас! Како може среде бел ден на очиглед да се измамува руската јавност, срамно да се поттикнува канибалскиот апетит на српските власти, да им се даваат совети на кој начин треба да ги затвораат во затвори и истребуваат невините Македонци. Не, оној што го пишува ова не може да биде Словен и Русин, туку проповедник на ропството – најлош непријател на словенството и апологет на српската тиранија во Македонија“, посочува авторот.

– Дека Србите и воопшто, сите сојузници се одлични и славни хирурзи – во тоа ние Македонците не се сомневавме; сè тоа го искусивме на сопствена кожа. Цела Европа и целото руско општество знаат дека сите хируршки операции на сојузниците за време на братоубиствената војна (колежот), секогаш имаа смртоносен исход – додава саркастично Вражиновски, т.е. Константинович.

Според него, словенофилите од „Ново време“ немаат ништо чесно, совесно и честито. И, така, на оваа просрпска статија „секој нормален би ѝ одговорил со молк и презир“; но „кога некои нововременски адвокати на српската влада и српската тиранија во Македонија почнале да се занимаваат со провокации и поттикнување на Србите и Бугарите против чесните и принципиелните македонски автономисти“, тогаш светата должност пред измачуваната татковина нè принудува да се бориме со сите чесни средства и да им дадеме отпор на „нововременските вампири“. Тој потоа го продолжува цитатот на пропагандниот напис:

„Нека голите факти облечени во рувото на провокација и истрага зборуваат сами за себе: ‘спроведувањето во живот на идеалот за автономна Македонија ќе го чини македонското население (благодарение на острата политичка агитација, се разбира, со ново огорчување на српските власти) со толку неизмерна количина нови страдања и жртви, што и сега веќе станува страшно за несреќната земја… Секој искрен руски приврзаник на словенската солидарност треба неуморно да се бори против настапите на македонските автономисти’. Бугарите говореа дека околината на Битола е населена со Бугари; Србите – со Срби; но се вмешаа Македонците – претставниците на македонското население, и со врева и галама почнаа да трубат низ сите европски престолнини дека во Македонија нема никакви Бугари. Своите позиции, демек, ‘тие доволно не ги утврдија и не ги одбранија пред европскиот ареопаг’; положбата на Бугарите ја направија очајна… Оваа ужасна грешка на Македонците веќе е ликвидирана со Втората балканска војна. Оваа провокаторска статија завршува со зборовите: ‘Историјата сама ќе пресуди кога Србите и Бугарите повторно ќе си подадат рака; публицистичките ексцеси на македонските автономисти ќе бидат цитирани од историчарите на словенството’.“

Следи „симнување на црната маска на провокацијата“ од непријателот на слободата на македонскиот народ.

– Ние, македонските автономисти, отсекогаш сме биле искрени словенофили; за нас нема ниту Евреи ни Елини меѓу словенските и несловенските нации – сите тие се наши браќа. Нашата програма не е тесно-националистичка, туку е заедничка за сите Словени. Нашиот свет идеал бил и ќе биде: обединување на целото словенство под покровителство на Русија; тој ќе добие реална сила тогаш кога секоја словенска нација доброволно ќе влезе во идните федеративни словенски држави, со целосно зачувување на националната и политичката слобода, а не преку насилна и братоубиствена поделба на таа нација – истакнува Константинович.

– Зошто ние, македонските автономисти, не ги одбранивме своите позиции пред европскиот ареопаг – на ова прашање е смешно, дури и глупаво да се одговара; а ние од наша страна ќе го прашаме авторот на оваа „примерно-изродска пројава на заблудената политичка мисла“: зошто 160-милионска Русија не можеше да го одбрани градот Скадар, каде што Црна Гора – таа земја на херои и бесмртна слава, закопала околу 10.000 јунаци? Зошто Бугарија со својата армија од 400.000 луѓе не може да ја одбрани Македонија, а Турците со голи раце го зазедоа Одрин? Зошто целата руска дипломатија и целата словенофилска „гозбена армија“ не можеа да ја спречат братоубиствената војна? – прашува тој.

Следува и одговор: Историјата сама ќе пресуди.

– Тоа е сосем точно, и ние Македонците сме длабоко убедени дека таа ќе почне од псевдословенофилите; ќе ги жигоса со срам и бесчестие поради предавството на словенството, а ќе им пресуди и на оние македонофоби од „Ново време“ и „Славјански вести“, кои го проповедаат поробувањето и поделбата на една словенска нација од други – појаснува Константинович.

Што се однесува до словенофилската халуцинација: „Србите и Бугарите повторно ќе си подадат рака“, тој никако не верува во таа утопија, зашто, вели, не ги проучува Бугарите и Србите оддалеку – од Санкт Петербург, туку на самото место – каде што „со десетлетија сме биле во допир со идеалите и душата на овие народи“ и сме го проучиле животот во сите негови пројави.

„Малите народи на Балканскиот Полуостров можат да постојат само врз федеративни основи и задолжително под протекторат на големите сили; инаку толку ќе ослабнат под ударите на меѓусебното истребување, економското ропство и милитаризмот, што лесно ќе бидат проголтани и сварени од силниот желудник на некоја соседна голема сила. Еве на кој начин и кога Србите и Бугарите може да си подадат рака, а не со молби, надежи и обраќања до разни словенски друштва со звучни имиња: Санктпетербуршко словенско добротворно друштво, Друштво за словенска заемност, Друштво за научно единство, Друштво ‘Славија’ итн. Каква боја има маската на овие друштва, каква е нивната политичка физиономија и колку цврсто го сакале словенството – ние Македонците го видовме во нивните ‘либерални’ резолуции: ‘Македонија треба братски да се подели меѓу Србите, Бугарите и Грците’“ – додава Константинович.

На крајот од својата статија, како претставник на македонскиот народ, на словенството и слободата, тој нагласува оти таквите весници и редакции во руското царство денес – во неговата сегашност се прибежиште на човекомрасците, провокаторите, непријателите на Словенството и морално недоразвиениот башибозук; во тој поглед, нововременските македонофоби навистина можат да бидат наречени „богатири“ (т.е. во овој контекст – примитивни крвожедни воини), заклучува Константинович.

НЕ СЕ ПРИЗНАВАЛ ЗА СРБИН И СЕ ИЗЈАСНУВАЛ КАКО МАКЕДОНЕЦ

Д-р Гаврил Константинович зема учество како лекар во Првата балканска војна и за своите заслуги го добил црногорското одликување Данилов крст од III степен. По примирјето, во јануари 1913 година се повлекува во Русија, каде што на 1 март и 7 јуни 1913 година е меѓу потписниците на меморандумите на македонското иселеништво во Санкт Петербург, со кои се бара независна македонска држава.

Во Првата светска војна, во мај 1915 година како руски лекар е испратен во Србија. За своите заслуги е одликуван со орденот Свети Сава III степен.

Поради напорната работа и повреда, се враќа во Петроград, кој тогаш е тлеечко жариште на претстојната Октомвриска револуција. Му се приклучува на Македонскиот револуционерен комитет на Димитрија Чуповски и на 10 јули 1917 пишува „Отворено писмо од јужнословенски револуционер до предавниците на Русија и на словенството“. Оздравен, д-р Константинович заминува во градот Кем, па ѝ се приклучува на новата револуционерна власт како комесар за народно здравје. По почетокот на Руската граѓанска војна, интервенционистичките сили на Антантата го заземаат Кем, при што во јули 1918 година е уапсен и Константинович.

Според Енциклопедија Македоника, тука почнуваат проблемите на Константинович со српските власти. Предаден е за иследување во I српска доброволечка дивизија. Потоа е обвинет за „своеволно напуштање на српската војска“ и „бесправно отфрлање на српската кокарда и еполети“, па како дезертер, предавник и противник на Србија и нејзините сојузници, а притоа бил и „болшевик“ и советски функционер, кој одржувал врски со дисидентите и не се признавал за Србин, туку се изјаснувал како – Словен Македонец.

По долго испитување, не биле најдени правни докази за судење и Константинович бил испратен кај Англискиот интервенционистички центар во Мурманск, Русија. Бил убиен, најверојатно – од српските војници чувари во возот за Мурманск и потоа е исфрлен од вагонот.