Франција во август забележа рекорден број затвореници – вкупно 89.668, додека недостигот од сместувачки капацитети доведе до тоа речиси 8.000 душеци да бидат поставени директно на подовите во ќелиите, соопшти француското Министерство за правда.

Бројот на затвореници е зголемен за 6,5 отсто во однос на истиот период минатата година, додека недостигот од капацитети најсликовито го покажува податокот дека дури 7.956 душеци се поставени директно на подовите на затворските ќелии, бидејќи нема доволно кревети за сите затвореници. Тоа е за 43,5 отсто повеќе отколку на 1 август 2025 година, пренесува француската телевизија БФМ.

Новите податоци дополнително го зголемија притисокот врз властите во Париз, кои со години се обидуваат да го решат хроничниот проблем со пренатрупаноста во затворите.

Министерството за правда најави отворање на 3.000 дополнителни места во таканаречените модуларни затвори, кои би требало да бидат поевтини и значително побрзи за изградба од класичните казнено-поправни установи. Според планот на властите, половина од тие капацитети би требало да бидат отворени веќе во текот на следната година.

Сепак, генералната контролорка на местата за лишување од слобода, Доминик Симоно, предупреди дека самата изградба на нови затвори нема да го реши суштинскиот проблем.

Таа оцени дека степенот на пренатрупаност е толку голем што Франција, само за да го следи сегашниот раст на бројот на затвореници, практично би морала непрекинато да отвора нови објекти.

– За да се апсорбира пренатрупаноста, би било потребно да се пушта во употреба по еден казнено-поправен центар на секои шест недели – предупреди Симоно.

Оваа проценка ги покажува размерите на кризата со која се соочува францускиот затворски систем: бројот на луѓе зад решетки расте побрзо отколку што државата успева да обезбеди нови места, додека илјадници затвореници веќе престојуваат во услови во кои нема доволно ниту основна инфраструктура. МИА