Русија и Кина ќе се договорат за воспоставување траен безвизен режим меѓу двете земји, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Одговарајќи на прашање дали кинескиот претседател Шји Џјинпинг го поддржува предлогот на рускиот претседател Владимир Путин, Песков рече дека Москва и Пекинг ќе разговараат за прашањето и ќе постигнат договор.
Путин на средбата со Шји во Бишкек на 31 август изјави дека Русија е подготвена да соработува со Кина безвизниот режим да стане траен, доколку Пекинг оцени дека тоа е можно и корисно.
Русија во декември 2025 година воведе безвизен влез за кинеските граѓани за престој до 30 дена, врз основа на принципот на реципроцитет. Кина претходно воведе сличен режим за руските граѓани, а двете земји подоцна го продолжија безвизниот режим до крајот на 2027 година.
Кинескиот амбасадор во Москва, Џанг Ханхуе, изјави дека во првата половина од оваа година се удвоил бројот кинески државјани што туристички ја посетиле Русија, што го поврза со укинувањето на визите.




