До пред неколку дена Михаил Николовски беше 15-годишно момче кое летото го минуваше на нива, учејќи занает од тутуноберачите. Денес овој 15-годишник во нашите очи е херој.
Храброто момче спаси три човечки животи. За него зборува цел регион, а Македонија се гордее.
КУРИР стапи во контакт со Михаил и неговата мајка Јасна. Нашата цел беше да го запознаеме и претставиме на јавноста детето кое на врсниците и возрасните им одржа животна лекција.
КУРИР: За почеток, да ни се претставиш. Каде учиш, колку години имаш, како го поминуваш слободното време?
-Јас сум Михаил Николовски, имам 15 години и од оваа година сум ученик во средното техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“ во Битола. Ова лето го поминав на една нива во близина на Битола, со тутуноберачи, па така научив занает. Како и секој млад дечко, сакам да излегувам, да се дружам со моите другари и другарки кои ги имам во голем број. Сакам да одам на забави и концерти, ни се претстави Михаил.

КУРИР: Еден безгрижен ден на плажа се претвори во борба за живот. Меѓу многу луѓе се издвојуваш ти, како херој. Можеш ли да ни опишеш што точно се случи тој ден?
– Денот беше нормален, плажата преполна, но тој ден имаше силни бранови, па си пливкав тука во плиткото. Одеднаш една жена почна да вика “помош”. Сите се завртивме кон неа и видовме едно нормално семејство – маж, дете и жена која се држи за перниче, а истовремено заедно со детето се држеа и за мажот. Мислевме се е во ред, додека не продолжи хистерично да бара помош. За среќа не беа многу далеку, па без размислување се фрлив да пливам кон нив. Кога мажот виде дека пливам кон нив, ја пушти жената, а јас брзо стигнав до неа и ја повлеков. Штом ја донесов во плиткото и ја предадов на мојата пријателка Елена, се вратив во вода, го извадив и детето. Многу бев изморен, но кога видов дека мајка ми е до мажот и се труди да му помогни (го туркаше кон брегот, бидејќи човекот ја изгубил силата и почнал да потонува), го повлеков и него и тогаш пријателката Елена извика “БРАВО МИКИ” и сите присутни на плажата аплаудираа и го извикуваа моето име.

КУРИР: Под адреналин, сигурно не си бил точно свесен дека го ризикуваш сопствениот за да спасиш туѓи животи. Ти беше ли еден вид “освестување“ аплаузот со кој те пречекаа кога излезе од водата?
-Јас воопшто не размислував за опасноста, ми дојде чудна сила и храброст и не ни помислив дека можеше да биде лошо за мене. Ме водеше мислата да ги извлечам луѓето, бидејќи никој друг не реагираше. Откако се се заврши, луѓето легнаа на плажата и некако се стабилизираа, но беа на сонце, а времето беше многу жешко. Зедов еден чадор и отидов да им понудам сенка за да се смират. Веднаш станаа и ме завлекоа кон ресторанот за да се запознаеме и сакаа да ме почастат ручек и пијалок. Ја викнаа и мајка ми и нашите пријатели. Разменавме социјални мрежи и телефонски броеви. Разговаравме како цел живот да се знаеме. Луѓето тогаш, имаа сосем поинаков лик од тој во водата.

КУРИР: Остварија ли контакт со тебе лицата на кои им помогна?
-Вечерта жената ни пиша порака дека Бугарите славеле мала Богородица тој ден и дека отишле во црква, запалиле свеќа за наше здравје и се молеле за нас. Жената видела дека настанот е вирален, па и прати порака на мајка ми со благодарност и побара да не ги објавуваме јавно бидејќи не сакале да знаат нивните блиски за да не ги вознемируваат. За се станав свесен дури следниот ден кога оваа приказна стана вирална и ги преплави сите социјални мрежи.

КУРИР: Како младо момче, може ли да испратиме заедно еден апел до младите луѓе, до луѓето воопшто?
-На сите мои врсници, на младите луѓе им порачувам да ги води срцето и вербата во Господ. За зло е потребен труд, а за добрина само љубов. Сите можеме и треба да бидеме херои макар на еден ден. Да ја сакаме и чуваме Македонија. Ви благодарам КУРИР.МК за вашето внимание и одвоеното време. Поздрав од Олимпијада.





