Едно лице загина, а тројца се ранети откако ирански трговски брод бил погоден рано утринава во близина на Ормуската Теснина, кај островот Кешм, објавија иранските државни медиуми.

Информацијата за инцидентот ја потврди и Британската агенција за поморски трговски операции (UKMTO), соопштувајќи дека бродот бил погоден со проектил додека минувал низ тесниот морски премин, без да наведе дополнителни детали.

Засега нема официјално соопштение од американската војска, која претходно, спроведувајќи блокада на иранските пристаништа, веќе гаѓаше бродови што пловат под иранско знаме.

Нападот врз иранскиот брод се случува во време на постојана ескалација на тензиите околу овој клучен пловен пат, кој се сметаше за меѓународен пред САД и Израел да започнат воени дејствија против Иран на 28 февруари годинава.

Иранските власти соопштија дека за денеска е закажан состанок на министрите за надворешни работи на земјите од регионот, на кој ќе се разговара за заедничките напори на Иран и Оман – земјата што се наоѓа на спротивната страна од Ормуската Теснина – за управување и контрола со поморскиот сообраќај што минува низ овој регион.