За убиство со евентуална умисла, за кое е предвидена казна и до доживотен затвор, се товарат двајцата лекари во чија ординација минатата недела почина популарниот грчки пејач Јоргос Мазонакис.

Според информациите на грчките медиуми, пејачот починал за време на медицинска терапија со плазмафереза, која, како што покажала истрагата, била спроведувана во ординација без соодветна дозвола.

Двајцата лекари беа уапсени во четвртокот. Првично против нив била покрената постапка за кривично дело изложување на опасност со смртен исход, но во текот на истрагата биле утврдени дополнителни докази, по што попладнево обвинението било променето во убиство со евентуална умисла.

Мазонакис починал од срцев удар. Според грчките медиуми, истрагата покажала дека смртта настапила додека медицинската процедура била во тек, што е спротивно на првичните тврдења на лекарите дека процедурата воопшто не била започната.

Дополнително, според истрагата, пејачот починал околу еден час пред да биде информирана и повикана итната медицинска помош.

Лекарите, наводно, без да ги имаат соодветните и неопходни средства, се обидувале сами да го реанимираат 54-годишниот пејач, наместо веднаш да повикаат медицинска помош или да го пренесат во болница.

Се претпоставува дека апаратот за плазмафереза, односно за терапевтска размена на плазма, можел да го регистрира целиот процес, вклучително и моментот кога срцето на пејачот престанало да работи.

Ординацијата во која се случил настанот била регистрирана како обична приватна ординација по интерна медицина, а според досегашните наоди немала дозвола за спроведување терапии со матични клетки и процедури за сепарација на крвната плазма.

Ординацијата е во сопственост на брачна двојка лекари – општ лекар и неговата сопруга, која, според грчките медиуми, е гинеколог и магистер по молекуларна и развојна биологија. Токму таа го вршела третманот на чистење и сепарација на плазмата во моментот кога настапила смртта на Мазонакис.

Плазмаферезата е медицинска процедура при која крвта се извлекува од организмот, течниот дел – плазмата – се одвојува, а преостанатите крвни компоненти повторно му се враќаат на пациентот. Според информациите објавени во грчките медиуми, ваквата процедура треба да се спроведува во болнички услови и под надзор на специјализиран медицински персонал.

Брачната двојка лекари утре наутро треба да биде изведена пред јавен обвинител и истражен судија.

Во меѓувреме, Јоргос Мазонакис денеска беше погребан на гробиштата во населбата Никеа, во западниот дел на Атина, каде што го поминал детството.

Пред погребот била одржана литургија, а телото на пејачот од вчера вечер било изложено во црква во истата населба, каде што неговите пријатели, колеги и обожаватели дошле да му оддадат почит.

Плоштадот пред маалската црква бил премал да ги собере сите оние, познати и непознати, кои се собрале за да го испратат Мазонакис кон неговиот вечен дом.

Јоргос Мазонакис е роден во 1972 година во Атина. Кариерата ја започнал во раните 1990-ти години и во текот на повеќе од три децении соработувал со голем број познати грчки композитори и текстописци.

Важеше за еден од најпознатите грчки поп-пејачи, со повеќе од десет албуми, голем број хитови и илјадници настапи и концерти низ Грција и во странство.

Редовно настапуваше во познатите атински и солунски ноќни клубови со жива музика, односно во таканаречените „бузуки“.

На 20 септември, Мазонакис требаше да одржи голем концерт во Атина со кој требаше да ја одбележи својата 33-годишна кариера.