При редовна контрола на Мавровското Езеро, овластени лица од Националниот парк „Маврово“ пронајдоа и отстранија незаконски поставени риболовни мрежи, информираат од Националниот парк „Маврово“.
За случајот е известена Полициската станица во Маврови Анови. Во координација со надлежните институции се преземаат мерки за утврдување на околностите и одговорноста.
Контролите на езерото ќе продолжат. Целта е заштита на рибниот фонд и спречување на незаконското користење на природните ресурси.
Националниот парк „Маврово“ ги повикува граѓаните, риболовците, посетителите и љубителите на природата да пријават незаконски риболов, поставување мрежи или други активности што ја загрозуваат природата.
Пријавите може да се достават до надлежните служби.
Навременото известување може да спречи поголема штета и да придонесе за зачувување на Мавровското Езеро. Сите утврдени прекршувања ќе бидат документирани и пријавени, а сторителите ќе одговараат согласно закон.
Заштитата на езерото е заедничка одговорност на институциите и граѓаните, велат од таму.




