Не сме против технолошкиот напредок на државата, но сме апсолутно против бизнис-интересите на оваа власт и на премиерот Христијан Мицкоски – изјави денеска лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција одговарајќи на новинарски прашања.
– Пред неколку недели на прес-конференција извадив документ во кој приватна компанија веќе се фали дека обезбедила дозволи за развој на дата-центар. И таа компанија вели дека има право да ја користи водата од реката Вардар. Што ќе се случи со земјоделството во тој дел каде што планираат да се прави дата-центар, од каде ќе се наводнува плодното земјиште на земјоделците, а знаеме дека дата-центрите користат огромни количини вода, која толку се загрева што после е прашање дали ќе се врати назад во речното корито – истакна Филипче.
Според него, дата-центрите создаваат и голема бучава, а друго прашање е каков бенефит ние ќе имаме како држава кога, според, него, тие дата-центри вработуваат само неколку луѓе.
– Следно, трошат толку струја, имаме ли ние капацитет да ги снабдиме со струја дата-центрите? И дали, ако се стави таков дата-центар што ќе троши огромна количина струја, тоа ќе значи дека струјата ќе поскапи. Прилично сум сигурен дека тоа е една од причините зашто се дава земјиштето на компании да се изградат дата-центри, за да поскапи струјата што оваа власт преку лични контакти ја увезува – рече тој.
Тој запраша и дали ако се потроши толкав капацитет на струја за еден дата-центар, дали тоа значи дека нема да има можност да се градат други капацитети, на пример, фабрики, во околината на тој дата-центар, затоа што нема да има доволно количина струја.
– Никој не одговара на тие прашања. Тоа се суштинските прашања. Не е работата дали ние треба да се развиваме или не треба да се развиваме. Да, треба да се развиваме. Да, апсолутно се како држава, ама не за приватните интереси на Христијан Мицкоски. Треба да се каже кои се бенефитите, кои се ризиците и што се крие зад овие зделки, како и зад тоа што сега премиерот им ја нуди земјата, рудата, која припаѓа на сите граѓаните, тоа е национално богатство – посочи Филипче на прес-конференција.




