Околу 130 шефови на држави и влади се на средба во Њујорк оваа недела на Генералната дебата на 81-та сесија на Генералното собрание на ОН по година обележана со ескалација на конфликтите на Блискиот Исток и Украина, како и загриженост за контролата на вештачката интелигенција.

Втора година по ред, американскиот претседател Доналд Трамп ќе се обрати на Генералното собрание на ОН, за разлика од неговиот кинески колега Шји Џинпинг, кој ќе има средба со Трамп во Белата куќа в четврток. Таквиот избор на кинескиот претседател сигурно ќе ја поттикне дебатата за релевантноста на ОН во услови на глобални кризи и нападите на Трамп врз мултилатералните институции воспоставени по Втората светска војна.

Американскиот претседател ги повлече САД од бројни агенции на ОН и драстично го намали финансискиот придонес на Вашингтон.

„Веќе не би рекле дека ОН е во слободен пад, туку дека е заглавена во криза без предвидлив крај“, рече Ричард Гован од Меѓународната кризна група.

Тој рече дека ООН можеби „не е на интензивна нега како што беше минатата година, но изгледа дека е осудена засекогаш да остане во одделот за итни случаи“.

За да избегне губење на глас во Генералното собрание, Вашингтон минатата недела уплати 725 милиони долари во редовниот буџет, но сепак ѝ должи на организацијата повеќе од милијарда долари, додека продолжува да бара реформи за возврат.

Поранешниот социјалистички премиер на Португалија, Антонио Гутереш рече дека вештачката интелигенција ќе биде главна тема на Генералното собрание во наредните денови, бидејќи неколку бизнис лидери во секторот неодамна предупредија за опасностите што ги претставува технологијата. За Гутереш, земјите треба да воспостават „заеднички мерки за заштита за да избегнат трка што еден ден би можела да доведе до огромна глобална катастрофа“.

Генералниот секретар долго време се залага за воспоставување глобално управување за вештачката интелигенција. Во 2023 година, ОН формираше советодавно тело за оваа технологија, составено од лидери во индустријата, владини претставници и академици.

Блискиот Исток ќе биде уште една важна тема на разговор, бидејќи војната што ја започнаа САД и Израел против Иран на крајот на февруари продолжува да ја поттикнува глобалната инфлација и да го дестабилизира регионот. Преговорите меѓу Иран и САД се во застој.

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан треба да се обрати пред Генералното собрание в среда.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој е обвинет од Меѓународниот кривичен суд за наводни воени злосторства и злосторства против човештвото во Појасот Газа, обвиненија што Израел ги негира, ќе зборува в четврток.

Втора година по ред, палестинскиот претседател Махмуд Абас нема да биде присутен во Њујорк, бидејќи САД му одбија виза, и ќе учествува преку видео врска.

Според дипломатите, се очекува состанок на високо ниво за војната во Судан да се одржи на маргините на настанот, иако е малку веројатен дипломатски пробив.

Војната во Украина, исто така, ќе ја поттикне дебатата, а се очекува украинскиот претседател Володимир Зеленски и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров да се обратат пред Генералното собрание.