Австриските власти повторно ослободиле 16-годишен симпатизер на Исламската држава (ИД), кој веќе двапати е осудуван за планирање терористички напади. Тинејџерот сега е под постојан полициски надзор, а австриските медиуми неговиот случај го наведуваат како пример за неуспешна дерадикализација.
За него првпат австриските медиуми објавуваа информации во февруари 2025 година, кога како 14-годишник планирал напад на виенската железничка станица „Вестбанхоф“.
Весникот „Кроне цајтунг“ објави дека тинејџерот се радикализирал преку „ТикТок“, а полицијата запленила скици кои ги откриваат размерите на неговите планови. На цртежите биле прикажани зградата на станицата и лица со мачети и автоматски пушки како убиваат минувачи и полицајци.
На една од скиците имало и упатства за изработка на бомба. Материјалот за нејзина изработка бил пронајден во подрумот на зградата во која живеел – алуминиумски цевки, ногарки од маса и леплива лента. Покрај тоа, тој чувал и знаме со исламски верски натпис.
Во пораки што ги разменувал со други лица, тој се заканувал дека ќе изврши крвави напади врз секој што ќе му се најде на патот.
Откако бил осуден поради сомнение за тероризам, минатата есен тој бил пуштен на условна слобода, која траела само четири недели.
Тинејџерот повторно бил уапсен откако во продавница за воена опрема се обидел да купи борбен нож со сечило долго 12 сантиметри. Ножот му го купил роднина кој го чекал пред продавницата.
Во март годинава, кога веќе имал 15 години, повторно се појавил пред истиот судија. Историјата на пребарувања на неговиот запленет мобилен телефон открила поими како „нож“, „бомба со шајки“, „цевна бомба“, „купи мачета“ и „купи секира“.
„Сакам да умрам како маченик на Божјиот пат. Кој не го сака тоа?“, изјавил тој за време на судскиот процес.
По втората пресуда бил сместен во затворот во Клагенфурт, каде што го величел лицето што изврши напад во јужниот австриски град Вилах. Иако затворската психолошка служба уште во 2025 година предупредила дека тинејџерот е „исклучително опасен“, тој кон крајот на минатиот месец повторно бил предвреме пуштен на слобода.
Неговото ослободување ја активирало Управата за заштита на уставниот поредок и борба против тероризмот (ДСН). Додека официјалните извори зборуваат за „соодветни мерки“, опозициската Партија на слободата на Австрија открила дека момчето е ставено под постојан надзор.
За тоа секојдневно се ангажираат 20 полицајци, а елитната единица „Кобра“ постојано е во состојба на готовност, што претставува големо оптоварување за полицијата.
Рајнхолд Мајер, пратеник на Партијата на слободата и полициски синдикалец, упати остри критики на одлуката за постојан надзор.
„Правосудството двапати постапи неодговорно, а сметката сега ја плаќаат полицајците“, изјавил тој, додавајќи дека случајот е „доказ за целосната неспособност на Владата да им ја гарантира безбедноста на Австријците“.




