Данска, Гренланд и САД најверојатно утре ќе го потпишат договорот за безбедност за Гренланд, за кој Копенхаген тврди дека безбедноста на Арктикот во голема мера ќе биде под одговорност на НАТО.

Предвидено е договорот да биде потпишан за време на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк. Но, сè уште не е објавен текстот на договорот, а не е познато и дали се менува договорот за одбрана од 1951 година.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека со договорот САД ќе имаат „трајна контрола“. Данска и Гренланд не ја коментираа изјавата на Трамп, но истакнаа дека Гренланд ќе има корист од договорот, со кој ќе се почитува неговиот суверенитет.

– Договорот ќе биде дизајниран на таков начин што одговорноста за безбедноста на Арктикот нема да биде само Данска или американска, изјави вчера шефот на данската дипломатија Ларс Леке Расмусен, додавајќи оти во голема мера „НАТО ќе се грижи за безбедноста на Арктикот“.

Договорот за Гренланд уследи по месеци притисок од Трамп, кој бара САД да го контролираат островот. Тој дури и не исклучи употребата на воена или економска сила. Неговите закани во јануари, предизвикаа дипломатска криза во рамките на НАТО и ги натераа Данска и Гренланд да почнат разговори со Вашингтон за ублажување на тензиите.