Со зажнејување на традиционален начин, со срп, денеска во селото Чифлик, беше означен почетокот на жетвата на оризот.

Демонстрирањето на овој вековно стар обичај е дел од програмата за одбележување на празникот на Општината Чешиново – Облешево и на одбележувањето 22 години нејзино постоење.

На овој настан присуствуваше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски. При тоа, Серафимовски рече дека му е чест што овој важен момент го одбележува заедно со оризопроизводителите, луѓето кои со знаење, истрајност и многу труд ја продолжуваат традицијата.

-Оризот е препознатлив белег на овој крај, но и земјоделска култура од големо значење за македонското производство. Нека е плодна жетвата, а родот бериќетен, порача министерот Серафимовски.