Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека големиот одзив на гласачите на парламентарните избори одржани минатиот викенд покажува дека Русите ги поддржуваат своите вооружени сили кои се борат во Украина, како и напорите на властите да ја заштитат националната безбедност.

Путин изборите, одржани од 18 до 20 септември, ги претстави како тест за поддршката на јавноста за војната во Украина, која трае четири и пол години, како и за неговата одлучност да ја продолжи борбата сè додека не се остварат клучните воени цели.

Резултатите кои во понеделникот беа речиси целосни покажаа дека владејачката партија Единствена Русија задржа убедливо мнозинство во националниот парламент, во рамките на строго контролираниот политички систем кој ги исклучи повеќето кандидати кои се противат на војната.

Централната изборна комисија на Русија соопшти дека излезноста изнесувала 59,3 отсто, што, според наводите на државната новинска агенција Тас, е повеќе отколку на повеќето претходни избори за Државната дума, долниот дом на парламентот.

Коментирајќи ги резултатите јавно за првпат, Путин рече дека таков „голем, дури и рекорден број луѓе кои излегоа на гласање покажува дека народот на Русија ги поддржува напорите насочени кон зајакнување на земјата“.

Путин за време на дел од телевизиското обраќање денеска директно им се обрати на војниците на првата линија на фронтот.

– Ова гласање е за вас. Луѓето веруваат во вас, веруваат во нашата победа, веруваат во вашата храброст, во вашето херојство – рече Путин.

Партијата Единствена Русија, која го поддржува Путин, ќе контролира 355 места, што претставува рекорден број, од вкупно 450 места во Думата, откако освои повеќе од 57 отсто од гласовите, покажаа резултатите кои во понеделникот беа речиси целосни.

Фото: архива