Во автоотпад во Тетово избувна пожар, при што биле зафатени гуми, акумулатори и пластични делови од возила. Пожарникарите со часови се бореле со огнените јазици, а во гаснењето и заштитата на околните објекти се вклучиле и жителите.

Пожарникарите велат дека блиската бензинска пумпа е обезбедена и во моментов нема опасност за неа.

„Ова е пожар со малку поголеми размери бидејќи во него горат гуми, но и други работи што ги содржи еден автомобил. Секако, има и експлозии во пожарот поради различните акумулатори што горат на овој автоотпад. Бензинската пумпа е обезбедена, бидејќи околу неа има пожарникари кои ја проценуваат ситуацијата, но засега нема опасност“, изјави Авни Амети, началник на ТППЕ Тетово, пренесе ТВ 21.

На местото на пожарот излегол и Општинскиот инспекторат за животна средина, кој проверува дали пожарот предизвикал загадување на животната средина. По добивањето на резултатите од анализите, надлежните најавуваат мерки против сопствениците доколку се утврдат прекршувања на законот.

„Ние како општински инспекторат моментално сме на местото каде што избувна пожарот и заедно со инспекторите за животна средина ќе го извршиме увидот и ќе направиме анализи за да утврдиме дали има загадување од пожарот. На крајот, откако ќе ги добиеме потребните анализи, ќе преземеме понатамошни мерки согласно Законот“, истакна Арменд Салихи, началник на општинскиот инспекторат.

Поради гумите и другите отпадни материјали што горат, како и густиот чад што се проширил над Тетово, Инспекторатот и пожарникарите им препорачуваат на жителите од околината да ги држат прозорците затворени.

Препораката ќе важи до расчистување на загадувањето.