Во Скопје се одржува Граѓанскиот форум „Граѓаните во срцето на процесот на проширување на ЕУ“, организиран од Групата за поддршка на демократијата и изборна координација на Европскиот парламент, во соработка со Собранието.
На форумот учествуваат 50 избрани граѓани, членови на Европскиот парламент, пратеници во Собранието и национални експерти, кои преку отворен дијалог и дискусии разговараат за европската интеграција на земјата, процесот на проширување на Европската Унија и улогата на граѓаните во демократските процеси.
Форумот го отвори претседателот на Собранието, Африм Гаши. На официјалното отворање се обратија и членовите на Делегацијата на Европскиот парламент: Лукас Мандл, член на Европскиот парламент од Австрија и водечки член за Западен Балкан во областа на поддршка на демократијата; Томас Вајц, член на Европскиот парламент од Австрија и известувач на Европскиот парламент за Македонија и Бранислав Ондруш, член на Европскиот парламент од Словачка.
Во своето обраќање, претседателот Гаши истакна дека партиципативната демократија подразбира граѓаните да имаат постојана можност да учествуваат во креирањето на политиките, да поставуваат прашања, да предлагаат решенија и да бараат одговорност од институциите.
Тој посочи дека Собранието има посебна одговорност во овој процес, имајќи предвид дека пратениците се директниот глас на граѓаните, упатувајќи порака дека гласот на граѓаните, очекувањата и критиките се многу важни.
„Европската интеграција ќе има вистинска вредност само доколку граѓаните се чувствуваат како активни учесници, а не како набљудувачи на процесот“, порача Гаши.
Мандл, преку видео-порака, истакна дека Граѓанскиот форум претставува пример за партиципативна демократија во пракса, нагласувајќи ја важноста од заедничкото градење посилна и пообединета европска иднина.
Во своето излагање, Вајц се осврна на потребата од отворено адресирање на предизвиците со кои се соочува земјата, посочувајќи дека проблемите нема сами да исчезнат и дека токму затоа гласот на граѓаните е од особено значење.
Ондруш ја нагласи важноста пратениците, покрај тоа што работат во корист на граѓаните, да работат и заедно со нив. Тој ја истакна потребата од користење анализи и податоци што ги одразуваат мислењата и ставовите на граѓаните, со цел тие да бидат активни учесници во демократските процеси.
Во рамките на форумот се одржа и дијалог со европратениците на тема „Иднината на проширувањето“, кој им овозможи на учесниците директно да поставуваат прашања, да ги споделат своите ставови и да разговараат со членовите на Европскиот парламент.
Програмата продолжи со пленарни сесии, експертски презентации и дискусии, како и со тркалезна маса посветена на можностите што ги носи процесот на европска интеграција. Експерти од земјата и странство ги споделија своите согледувања за предизвиците и можностите во процесот на пристапување кон Европската Унија, со фокус на земјоделството, владеењето на правото, транспортот, финансиите, образованието и интеграцијата , како и на пристапот на Собранието кон граѓаните преку концептот „Отворено собрание“.
Последниот ден од форумот продолжи со учество на пратениците од Собранието Љупчо Пренџов, Мимоза Муса, Сали Мурати и Соња Мираковска на тркалезна маса, на која се разговараше за различни теми поврзани со европската интеграција и приоритетите на граѓаните. Пратениците ги споделија своите искуства и ставови во процесот на формулирање на завршните препораки и конкретните мерки.
Препораките беа разгледани и изгласани од учесниците на форумот, а ќе бидат доставени до Европскиот парламент. Тие опфаќаат повеќе области од значење за граѓаните, меѓу кои образованието, животната средина, земјоделството, владеењето на правото и борбата против корупцијата, транспортот и јавниот превоз, туризмот, како и комуникацијата и учеството на граѓаните во демократските процеси.
На официјалното затворање на форумот се обрати пратеникот Љупчо Пренџов, кој истакна дека граѓаните не очекуваат од институциите само да ги слушнат, туку и да покажат дека ги разбрале нивните потреби и ставови.
„Како пратеници, наша одговорност е она што го слушнавме овие два дена да не остане само како запис од една средба. Ќе ги разгледаме препораките и пораките што ги дадовте и таму каде што имаме надлежност, ќе покажеме и конкретна активност“, порача Пренџов.
Тој се заблагодари и на Европскиот парламент за поддршката и партнерството, како и за поттикнувањето на директниот дијалог меѓу граѓаните и нивните избрани претставници.




