Портпаролот на Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ), Хосеин Мохеби денеска изјави дека Иран никогаш не се обидел да развие нуклеарно оружје и ја повика американската јавност да воспостави директен дијалог со иранскиот народ.
Тој додаде дека војната на САД против Иран не е поврзана со нуклеарната програма на Техеран и оти целта на Вашингтон е да го контролира Иран и неговите ресурси.
– Нивната цел е да го ограбат иранскиот народ и неговото богатство. Нивната цел е да го распарчат Иран. Нивната цел е да го претворат Иран повторно во колонијална држава под нивна контрола. Тие самите знаат дека Иран не се обидел да се здобие со нуклеарно оружје, наведе Мохеби.
Тој ги повика Американците да ја прашаат администрацијата зошто ИРГЦ е означена како терористичка организација, кога се обидува да ја заштити земјата од „грабеж“.
Мохеби посочи дека Американците не се доволно запознаени со ситуацијата во Блискиот Исток и побара да се создадат платформи за директна комуникација помеѓу американските и иранските граѓани.
Портпаролот на ИРГЦ го повика Вашингтон да ја смени надворешната политика, тврдејќи дека САД би станале „омилена држава“, кога парите што ги користи за воени напади би ги пренасочиле за помош на сиромашните држави.




