Израелската влада смета дека инцидентот во авионот што денеска летал од Обединетите Арапски Емирати за Израел, а потоа бил пренасочен кон Саудиска Арабија откако испратил сигнали за итност, можеби бил обид за терористички напад од страна на еден од пилотите, изјавија двајца израелски функционери.
Двајцата функционери, кои зборувале под услов да останат анонимни, како што пренесува Хина, рекоа дека се верува оти копилотот го избодел капетанот пред кабинскиот персонал да влезе во пилотската кабина и да ја преземе контролата врз авионот. Израелски функционер претходно за Ројтерс изјави дека авионот испратил сигнали за итен случај откако пилотите физички се пресметале. Израелските власти проценуваат дека станува збор за обид за терористички напад, а не за каков било проблем со менталното здравје на еден од пилотите.
Инцидентот поттикна итни консултации за националната безбедност во Израел, кој нема официјални дипломатски односи со Саудиска Арабија, каде што авионот слета. Во соопштението од кабинетот на израелскиот премиер се наведува дека ситуацијата е „под контрола“ и дека се преземаат сите мерки за израелските патници да бидат безбедно вратени во Израел. Израелски функционер изјави дека премиерот Бенјамин Нетанјаху, кој претходно одржал безбедносни консултации за инцидентот, ги откажал сите обврски до крајот на денот за да управува со кризата.
Приближно во времето кога авионот слетал во Саудиска Арабија, Дорон Шпилман, портпарол на кабинетот на израелскиот премиер, изјави за Ројтерс дека не се верува оти станува збор за класично киднапирање на авионот, опишувајќи го настанот како „поинаков инцидент“, пренесува Хина.
Летот ФЗ1073 (FZ1073) од Дубаи за Тел Авив бил пренасочен кон Саудиска Арабија додека летал над јорданскиот воздушен простор, при што бил испратен општ сигнал за итен случај, а потоа уште еден сигнал што укажува на можна незаконска интервенција, според веб-страницата за следење летови „Флајтрадар24“ (Flightradar24).
Авионот „Боинг 737“, во кој, според израелските медиуми, имало околу 150 израелски патници, потоа повторно го испратил првичниот општ сигнал за итност, пред подоцна безбедно да слета на аеродромот Табук во северозападна Саудиска Арабија, објави таа веб-страница. Податоците за летот покажуваат дека авионот нагло и брзо се спуштил за речиси 14.000 стапки (околу 4.250 метри) за помалку од 30 секунди пред првиот сигнал за итен случај. Не било веднаш јасно кој точно ги испратил сигналите од пилотската кабина.
Аеродромот Табук во Саудиска Арабија соопшти дека двајцата пилоти биле хоспитализирани поради повредите. Ниту аеродромот ниту израелските власти засега официјално не го идентификуваа напаѓачот.
Во меѓувреме, израелските медиуми објавија видеоснимка на која се прикажува израелски патник кој се наоѓал во авионот на „Флајдубаи“ за време на инцидентот. На видеото, патникот сведочи за драматичните моменти и наведува дека едниот пилот бил тешко, а другиот полесно повреден откако едниот од нив бил избоден.
Покрај видеото, во израелските медиуми се појави и сведоштво на Јасмин Абукасис. Таа изјавила дека нејзината ќерка Миријам, која била меѓу патниците во авионот, ѝ кажала дека слушнала врескање и дека маж со нож го принудил едниот од пилотите да легне на подот, по што во тој дел имало крв. Медиумите објавија и фотографија за која тврдат дека е направена во внатрешноста на авионот и на која се гледа патничка кошула натопена со крв, иако Ројтерс забележува дека не можел веднаш независно да ја потврди веродостојноста на таа фотографија.
Израелските медиуми објавија и спротивставени извештаи за инцидентот, при што некои наведоа дека пилотот се обидел да го урне патничкиот авион во наводен обид за самоубиство. Дополнително, се појавија и различни информации околу националноста на екипажот – дел од медиумите објавија дека пилотите се државјани на Оман и Обединетите Арапски Емирати, додека други објавија дека станува збор за Руси и Украинци.
Властите на ОАЕ сè уште го немаат коментирано инцидентот, додека авиокомпанијата во сопственост на Дубаи во своето соопштение само посочи дека на летот се случил „инцидент“ и дека авионот бил пренасочен кон Табук, каде што безбедно слетал, додавајќи дека сите патници се безбедни и евидентирани.
Компанијата „Флајдубаи“ секојдневно извршува повратни летови меѓу Дубаи и Тел Авив, на рута која е исклучително популарна меѓу израелските државјани и вообичаено минува преку воздушниот простор на Саудиска Арабија и Јордан. Ова не е првпат авион на оваа релација да слета во Саудиска Арабија – во септември 2025 година, лет на „Флајдубаи“ од Дубаи за Тел Авив принудно слета во Ријад поради здравствен инцидент кај патник.
Инцидентот се случува во специфичен геополитички контекст. Премиерот Нетанјаху минатата недела се сретна со претседателот на ОАЕ, шеикот Мохамед бин Зајед ал Нахјан, за време на неговата ретка посета на оваа заливска земја. Израел и ОАЕ развија блиски безбедносни, воени и економски односи по воспоставувањето дипломатски односи во 2020 година. Дополнително, Израел на почетокот на оваа година им испорача на ОАЕ системи за противвоздушна одбрана „Ајрон доум“ (Iron Dome) и израелски персонал за нивно управување, со што помогна во одбраната од иранските напади извршени како одговор на израелските и американските напади врз Иран.
МИА




