Политиката на проширување на Европската Унија е клучна за демократската трансформација, владеењето на правото и унапредувањето на добрососедските односи, а кредибилната европска перспектива е од суштинско значење за стабилноста и безбедноста на регионот, порачал денеска заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски на состанокот со министрите за надворешни работи во рамки на Берлинскиот процес, кој се во одржува во Пржно во Црна Гора.
Европската интеграција, регионалната соработка и зајакнувањето на стабилноста и безбедноста во Западен Балкан биле во фокусот на состанокот, на кој, како што се наведува во соопштението од неговиот кабинет, учествувале министрите за надворешни работи од Западен Балкан и на земјите членки на ЕУ, учесници во Берлинскиот процес, како и високи претставници на Европската комисија, Советот за регионална соработка и Регионалната канцеларија за младинска соработка.
Димитровски, во своето обраќање, истакнал дека стабилноста на Западен Балкан не е само регионално прашање, туку и европска неопходност. Во услови на сложени геополитички состојби и зголемена изложеност на надворешни влијанија тој ја нагласил важноста на континуираниот регионален и европски дијалог.
Тој нагласил дека билатералните прашања не треба да претставуваат пречка на патот кон ЕУ, затоа што тие ризици ја слабеат европската перспектива, а со тоа и безбедноста и отпорноста на земјите од регионот и на Европа.
-Со нашиот источен сосед сакаме европски, а не средновековен дијалог – дијалог за иднината, а не за историјата. Во процесот на пристапување кон ЕУ треба да ги трансформираме институциите и да воспоставиме правна држава, а не да го трансформираме идентитетот и да го менуваме историскиот наратив, истакнал Димитровски.
Во своето обраќање Димитровски се осврнал и на важноста на Берлинскиот процес како значајна платформа за унапредување на регионалното поврзување, за олеснување на слободното движење и создавање подобри услови за економски развој, мир, стабилност и просперитет во Западен Балкан, со цел забрзано приближување на регионот кон европските стандарди.




