Јужна Кореја денеска соопшти дека ќе го повлече својот амбасадор од Украина, откако украинскиот претседател Володимир Зеленски на седница на Обединетите нации јавно ја откри доверливата операција за префрлање на двајца севернокорејски воени заробеници во Јужна Кореја.
Министерството за надворешни работи на Јужна Кореја не соопшти кога амбасадорот Парк Хи-чанг ќе се врати во Сеул, но во соопштението се наведува дека земјата ќе продолжи со консултациите со Украина, со надеж дека дипломатскиот спор ќе биде решен по мирен пат.
Двете земји влегоа во дипломатски спор откако Сеул ја обвини Украина за прекршување на договорот за доверливост во врска со префрлањето на заробениците во средината на септември, додека Киев негираше дека бил постигнат таков договор. Јужнокорејските претставници наведоа дека договорот за доверливост бил склучен за да се заштити безбедноста на севернокорејските војници и нивните семејства кои сè уште се наоѓаат во Северна Кореја.
Заробените војници биле дел од севернокорејските сили распоредени во Русија како поддршка на Москва во војната против Украина. Откако беа заробени на почетокот на 2025 година, тие изразиле желба да се населат во Јужна Кореја, плашејќи се од прогон и од одмазда на севернокорејскиот режим доколку бидат вратени во татковината.
Јужна Кореја ги прифати заробениците во согласност со својата политика за прифаќање и финансиска поддршка на сите пребегани лица, со оглед на тоа што според нејзиниот Устав, целиот Корејски Полуостров правно се смета за нејзина територија.




