Во текот на минатата година неправилно биле потрошени 3,8 отсто од буџетот на Европската Унија, соопшти Европскиот суд на ревизори (ЕСР) во денеска претставениот годишен извештај, во кој се посочуваат и низа неправилни плаќања во рамки на плановите за економско закрепнување по пандемијата од Ковид-19.

Според проценката на ЕСР, неправилностите кај средствата потрошени за закрепнување изнесуваат 45,4 милијарди евра. До крајот на 2025 година биле исплатени 237,5 милијарди евра од вкупно предвидените 359,9 милијарди евра, при што само три од 27-те земји членки искористиле најмалку 80 отсто од средствата. Од 37-те плаќања извршени минатата година, кај девет се утврдени прекршувања на правилата за јавни набавки и неправилности поврзани со државната помош.

Во однос на редовните буџетски расходи, ревизорите наведуваат дека утврдените грешки се значителни и широко распространети, со највисоки стапки кај кохезионата политика (раст од 5,7 отсто во 2024 година на 6,6 отсто лани), како и кај земјоделството и животната средина (раст од 2,6 на 3,9 отсто).

Од ЕСР посебно предупредуваат дека вкупниот долг на ЕУ би можел да достигнат еден трилион евра до 2027 година, што дополнително ќе врши притисок врз идните буџети и политичките одлуки. Трошоците за камати во периодот 2028–2034 година би можеле да достигнат 93 милијарди евра, а предлозите за следниот долгорочен буџет овозможуваат и нови задолжувања за поддршка на Украина и справување со кризи. Ревизорите наведуваат дека заемот за помош на Украина одобрен од 2014 година досега изнесува вкупно 170,1 милијарда евра, од кои 70,3 милијарди евра биле исплатени до крајот на минатата година.

ЕСР појасни дека проценетиот удел на грешки не е показател за нивото на измами или неефикасност, туку го одразува обемот на средства што не биле искористени целосно според правилата на ЕУ. При проверките биле утврдени 17 случаи на сомнение за измама, кои се префрлени на надлежните власти.

Во реакцијата по истиот повод, Европската комисија наведе дека стапката од 3,8 отсто е споредлива со претходната година (3,6 отсто) и е значително пониска во споредба со 2023 година (5,6 отсто) и 2022 година (4,2 отсто). Повеќето неправилности не се поврзани со измами, а преку проверките на Комисијата и земјите членки лани биле применети превентивни и корективни мерки во вредност од девет милијарди евра.

МИА