Ива Михајлова од Кочани, за која во сила е активна судска забрана, нема евидентиран излез од територијата на Македонија, соопшти Министерството за внатрешни работи кое извршило проверки во системот за гранична контрола.
МВР инфромира дека Михајлова, за која се објавува дека ја напуштила Македонија, во Бугарија влегла исто така нелегално.
-Преку Заедничкиот контакт-центар со Република Бугарија, извршени се проверки и од страна на бугарската гранична полиција, од каде што е добиена информација дека за наведеното лице нема евидентиран легален влез на територијата на Република Бугарија, соопшти попладнево МВР.
Според податоците од граничните евиденции, информира Министерството, последен пат Михајлова остварила влез во Бугарија во септември 2025 година, додека во октомври 2025 година е евидентиран нејзин излез од Бугарија, односно влез во Македонија.
Од Обвинителството посочуваат дека на обвинетата, по предлог на јавен обвинител уште од 09.10.2025 година и беа одземени две патни исправи (македонска и бугарска), и беше изречена забрана за преминување држацна граница со лична карта, забрана за напуштање на Кочани и обврска да се јавува кај службено лице.
-Надлежниот јавен обвинител ги презеде сите чекори во негова надлежност за обезбедување на лицето, а ризикот од бегство беше една од клучните основи поради кои обвинителството повеќе пати даваше негативно мислење во однос на барањето за враќање на патната исправа, велат од обвинителството.
Ива Михајлова, која има и бугарско државјанство, во Македонија е обвинета во судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици.
Медиуми во Бугарија вчера објавија дека Михајлова ја напуштила Македонија и дека се наоѓа во Бугарија.




