Зајакнувањето на капацитетите на истражниот центар во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, проактивното постапување по предметите поврзани со таканаречените црни листи на меѓународните партнери и интензивирањето на борбата против перењето пари се меѓу главните приоритети што ги посочи Фатон Азизи, кандидат за основен јавен обвинител на ОЈО ГОКК на денешната седница на Советот на јавните обвинители, на која ја претстави својата програма.

Презентирајќи ја својата визија, Азизи рече дека првиот фокус ќе биде унапредување на истражните капацитети во Обвинителството.

– Мојата програма ќе биде водилка во ова обвинителство да наметнувам принцип обвинител со тим, обвинител што ќе има истражител од економска област, истражител кој ќе помага во екстрахција на материјали, мојот фокус, генерално, ќе биде истражниот центар да биде главната подвижна сила и тие истражители да бидат вработени во Јавното обвинителство – истакна Азизи.

Како втор приоритет го наведе проактивното вклучување во предметите што од страна на меѓународните партнери се објавуваат како црни листи оценувајќи дека институциите треба посериозно да пристапуваат кон тие случаи.

Тој најави и засилени активности во делот на финансискиот криминал посочувајќи дека особен акцент ќе биде ставен на перењето пари и на финансиските истраги.

– Приоритет ќе биде зголемена борба против перењето пари во градежништво, криптовалути и други форми – нагласи Азизи.

Во своето излагање тој се осврна и на досегашното искуство во ОЈО ГОКК, каде што работи во Одделението за гонење висока корупција и постапува по повеќе обемни предмети со поголем број обвинети. Според него, работата на такви случаи му овозможила искуство во координација со истражители и претставници на повеќе институции, меѓу кои МВР, Финансиското разузнавање и Царинската управа.

Азизи посочи дека има посетувано повеќе домашни и меѓународни обуки поврзани со конфискација на имот, перење пари, електронски докази и користење електронски алатки во Обвинителството оценувајќи дека стекнатото искуство и досегашната комуникација со вработените и истражителите претставуваат основа за успешно менаџирање со ресурсите во институцијата. (МИА)