Меѓународен научен тим идентификува 17 главни глобални закани за здравјето со кои човештвото ќе се соочи до крајот на векот, при што две од нив – злонамерната вештачка интелигенција и нуклеарниот конфликт – се издвојуваат како потенцијални причини за истребување на човештвото до 2100 година, иако со мала веројатност – објави списанието „Лансет“.

Подготвеноста за справување со овие закани е клучната тема во наодите на комисијата на медицинското списание „Лансет“ за глобалните здравствени закани во 21 век. Научниците нагласуваат дека опасностите може да се ублажат и контролираат доколку општеството почнува да дејствува веднаш.

– Впечатлив наод не е само обемот на овие закани, туку и фактот дека човештвото сè уште има можност да дејствува. Кај сите 17 катастрофални закани, одлуките што лидерите ќе ги донесат денес ќе влијаат врз здравјето и благосостојбата на следната генерација – изјави Кристофер Џеј Ел Мареј, лекар и здравствен економист од Универзитетот во Вашингтон и копретседавач со комисијата.

Во студијата истражувачите користеле моделирање за да проценат колку смртни случаи и случаи на инвалидитет потенцијално би можеле да се избегнат кај секоја од заканите во периодот од 2025 до 2100 година. Процените се изразени во години живот приспособени според инвалидитетот (DALY) – мерка со која се прикажува вкупното време што населението го губи поради предвремена смрт или живот со болест, повреда или инвалидитет (еден DALY одговара на една изгубена година здрав живот).

Како први две закани што носат ризик од истребување на човештвото се наведени злонамерната вештачка интелигенција, вклучително и нејзината употреба за создавање ново биолошко оружје, како и нуклеарниот конфликт проследен со нуклеарна зима и глад. Други опасности, како што се удар на астероид или ерупција на супервулкан, се изоставени поради многу малата веројатност да се случат во овој век, а не е вклучен ниту хипотетичкиот „огледален“ живот бидејќи сè уште не постои и е прерано да се квантифицираат ризиците.

Покрај овие две екстремни закани, истражувачите идентификувале уште 15 главни катастрофални ризици, од кои секој е поврзан со повеќе од една милијарда потенцијално избегливи DALY до 2100 година (една милијарда DALY одговара на две пандемии на ковид-19). На овој список се наоѓаат загадувањето на воздухот, антимикробната резистенција, недоволната исхранетост кај децата, климатските промени, колапсот на меѓународната здравствена помош, конвенционалните вооружени конфликти, прекумерното пиење алкохол, високиот крвен притисок, нееднаквоста во приходите, ниското ниво на образование, природно настанатите пандемии, дебелината, лошото ментално здравје, пушењето и нездравото стареење.

Најголемиот потенцијално ризик што може да се избегне меѓу овие 15 закани е поврзан со дебелината – вклучително и последиците од високиот индекс на телесна маса (БМИ), нездравата исхрана и недоволната физичка активност. Тој изнесува 23,1 милијарда DALY, што одговара на речиси 46 пандемии на ковид-19. По дебелината, следуваат ниското образовно постигнување и нееднаквоста во приходите, при што повисокото ниво на образование би го намалило товарот на болестите преку подобрување на здравјето и забавување на растот на населението.

Според основната проекција, вкупниот глобален товар од болести и повреди во периодот од 2025 до 2100 година изнесува 246 милијарди DALY, што одговара на речиси 500 пандемии на ковид-19. Истражувачите напоменуваат дека товарите поврзани со одделните закани не може едноставно да се соберат бидејќи здравствените проблеми кај поединците се преклопуваат.

Бидејќи многу од заканите се меѓусебно поврзани, истражувачите нагласуваат дека тие треба да се решаваат долгорочно и на повеќе нивоа. Владите се повикуваат да градат и финансираат здравствени системи подготвени за справување со заканите и да ги зголемат инвестициите во револуционерни иновации во областите како што се здравството, климатските промени и технологијата.

Исто така, тие повикаа на воспоставување посебен монитор на глобалните здравствени закани во 21 век, кој континуирано ќе ги следи и ажурира овие процени, пренесува „Сајенс алерт“.

фото: архива