Средбата од четвртото коло во ЕХФ лигата на шампионите помеѓу Висла и Вардар е закажана за среда од 20:45 часот, а „црвено-црните“ посакуваат да покажат подобро издание од дуелот во Скопје, на кој загубија со 26-32
Тренерот Иван Чупиќ верува дека анализата на претходниот натпревар ќе помогне да се отстранат слабостите пред новиот меч меѓу двете екипи.
„Кога ќе загубите натпревар, јасно е дека има простор за напредок. Висла беше фаворит во Скопје, а на свој терен ќе има уште поголема предност. Сепак, не сметам дека одигравме толку лошо пред нашите навивачи, колку што можеби изгледаше поради начинот на кој Висла ја наметна својата игра.
Го анализиравме дуелот и знаеме дека мораме да бидеме подобри и во одбраната и во нападот. Со вистинска енергија и поголема самодоверба верувам дека можеме да одиграме квалитетен и добар натпревар.
Сакаме повторно да се претставиме во добро светло во Лигата на шампионите. Во следните три средби целта е да останеме конкурентни и да се бориме за првите бодови и победа. Важно е да продолжиме да напредуваме и да имаме мотив за секој следен натпревар“, изјави Чупиќ.




