Русија планира да воведе визен режим за црногорските граѓани како одговор на одлуката на Подгорица да го укине безвизниот режим за руските државјани, соопшти портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

– И црногорските граѓани ќе мора да добиваат визи за патување во Русија. Оваа одлука на Подгорица очигледно е на штета на црногорските интереси – изјави Захарова за рускиот весник „Известија“.

Според Захарова, во име на европските надежи постојано се уништуваат долгогодишните достигнувања во руско-црногорските односи, а на економските последици од таквиот чекор не им се посветува заслуженото внимание. Таа оцени дека новите мерки на Подгорица ќе го намалат бројот на руски туристи и ќе им нанесат штета на црногорските компании, што ќе доведе до влошување на инвестициската клима во земјата.

„Истовремено, се разбира, бесмислено е црногорските власти да очекуваат Брисел да ги надомести неизбежните загуби“, додаде Захарова, нагласувајќи дека процесот на европска интеграција, кој ја поттикнал Црна Гора да воведе визи за руските државјани, никако не може да ја поддржи можноста новите членки на ЕУ да имаат неутрален статус. Таа изрази надеж дека земјите од Западен Балкан ќе ги забележат овие промени во ЕУ, ќе ги анализираат и ќе ги разберат последиците од европската интеграција за нивните национални интереси и благосостојбата на нивните граѓани.

Одлуката на руската страна следува откако на 23 јули годинава црногорската Влада усвои измени на Уредбата за визен режим, со кои се предвидува од 1 ноември државјаните на Русија и на уште неколку земји да мора да поседуваат виза за да транзитираат низ Црна Гора или да престојуваат на нејзина територија. Со оваа мерка Црна Гора го исполнува и последното барање за затворање на Поглавјето 24 од преговорите со ЕУ, кое се однесува на „Правда, слобода и безбедност“.