На поранешен украински воен офицер денеска му почнува судење во Германија под обвинение дека организирал тајна операција со која во септември 2022 година беа кренати во воздух гасоводите Северен тек, со што западна Европа остана без најголемиот извор на руски природен гас.

Осомничениот, кој во согласност со германските правила за заштита на приватноста се наведува само како Серхиј К., е обвинет дека предводел група украински оперативци, вклучувајќи нуркачи и експерт за експлозиви, во една од најголемите операции за саботажа на инфраструктура во современата историја.

Случајот ќе ја обезбеди првата можност за јавно изнесување на доказите собрани за време на повеќегодишната истрага која на германската влада ѝ создаде дипломатски и политички тешкотии.

Германија и понатаму цврсто ја поддржува Украина и покрај тоа што истрагата укажува на Киев како можен учесник во саботажата.

Обвинителите тврдат дека Серхиј К., уапсен во Италија минатата година врз основа на меѓународна потерница, заедно со други припадници на армијата планирал тајна операција во име на засега неименувани украински државни органи.

Серхиј К. негираше каква било вмешаност во експлозиите кои го разнесоа гасоводот во Балтичкото Море, долг 1.200 километри. Владата во Киев исто така негираше каква било вмешаност, што е чувствително прашање во односите со Германија, најголемиот европски испорачувач на воена помош за Украина.

Руската влада во понеделникот соопшти дека очекува „праведна пресуда“ која ќе ги открие имињата на сторителите и налогодавците на операцијата.

Германските обвинители тврдат дека постапките за кои се товари Серхиј К. – напад врз цивилни цели и предизвикување експлозии со кои се уништени инфраструктурни постројки и се оштетени јавни услуги – би можеле да се окарактеризираат како воено злосторство. Наводната цел била на Русија да ѝ се оневозможи остварување значителни приходи од странство, откако претходно таа година започна инвазија од големи размери врз Украина.

Серхиј К. е единствениот на кој моментално му се суди во овој случај, но хрватските власти уапсија уште еден маж за кого обвинителите веруваат дека бил еден од нуркачите во групата. Тој Украинец, Володимир Журавлов, беше уапсен на 19 август во туристички објект на подрачјето на Пула, врз основа на европски налог за апсење што го распиша Германија. Жупанискиот суд во Пула го одобри неговото екстрадирање во Германија, а неговиот адвокат на таа одлука најави жалба.

Експлозиите на гасоводите Северен тек го означија крајот на долгогодишната зависност на Германија од рускиот природен гас, иако Москва веќе претходно ги прекина испораките поради поддршката на Берлин за европските санкции по инвазијата врз Украина.

Германија претходно половина од својот увоз на природен гас го добиваше преку гасоводот „Северен тек 1“, најголемиот и најмодерниот руски гасовод кој ја снабдуваше западна Европа. Тој гасовод ѝ овозможуваше на Русија заобиколување на гасоводите од советската ера кои минуваат низ Украина. Се очекуваше дека испораките ќе се удвојат со отворањето на вториот, паралелен гасовод „Северен тек 2“ кој веќе беше изграден, но Берлин го повлече одобрението за негово пуштање во работа непосредно пред руската инвазија врз Украина.

Судењето, кое би требало да трае до февруари следната година, би можело да има и внатрешнополитички последици. Германската крајно десничарска партија Алтернатива за Германија (AfD), која повеќе од една година води во анкетите, повикува на прекин на воената помош за Украина и обновување на енергетските врски со Москва.

Во првите месеци по нападот врз гасоводите, западните официјални лица главно ја обвинуваа Русија. Москва цело време негираше каква било вмешаност и тврдеше дека е апсурдно да се сугерира дека би ги кренала во воздух сопствените гасоводи.

Шведските сеизмолози на 26 септември 2022 година регистрираа неколку експлозии во временски интервал од 17 часа.

Обвинителите тврдат дека Серхиј К. отпатувал во Германија преку Полска приближно три недели пред нападот, со фалсификуван украински пасош. Според наводите на обвинителите, тој и неговата група користеле едрилица изнајмена во северногерманскиот град Росток за да стигнат до подрачјето во близина на данскиот остров Борнхолм, каде што на морското дно поставиле специјализирани експлозивни направи за воена намена опремени со временски запалки.

Неделникот „Шпигел“ и германската јавна телевизија ЗДФ претходно јавија дека на изнајмената јахта „Андромеда“ се наоѓале пет мажи и една жена. Јахтата испловила од Росток на 6 септември, а се вратила на 23 септември 2022 година.