Министерството за здравство заедно со Светска банка и Европската инвестициска банка работи на обезбедување 195 милиони евра заем за завршување на проектите во клиничките болници во Штип и Тетово и Општата болница Кичево и очекувам до крајот на годината Владата да го склучи аранжманот со што ќе почне реализацијата на трите долгоочекувани проекти, истакна денеска министерот за здравство Сашо Клековски на собраниската седница за пратенички прашања од опозицијата.

Одговарајќи на прашањето на пратеничката Рина Ајдари од Европски фронт за, според неа, блокада за инвестиции во Клиничката болница  – Тетово, тој нагласи дека неодамна е решен и долгогодишниот проблем со договори на дело во оваа институција и нивна трансформација во редовни вработувања.

– Јас лично заедно со мисијата на Светска банка и Европската инвестициска банка бев во Клиничката болница – Тетово на крајот на јули оваа година. Пред 10 дена ја имавме втората мисија и се надевам дека до крајот на годината Владата ќе го има склучено аранжманот со Светска банка и Европската инвестициска банка, што ќе треба да овозможи да се започне со спроведување на овие три долгоочекувани проекти од наша страна. Во тоа соработуваме и со раководството на Клиничката болница – Тетово и со раководството на Општина Тетово, рече Клековски.

Во однос на прашањето на Ајдари, колкав е степенот на реализација на скрининг на дојка во Полошкиот регион во последните 20 месеци, министерот за здравство се повика на податоците на Државниот завод за ревизија и ревизијата на скрининг програмите во периодот 2021-2024 година, кога мандат имаше владата предводена од СДСМ. Во 2024 година  во скринингот на дојка се опфатени 17.000 мамографии, за разлика од 2021 кога се опфатени 651 мамографија.

– Извештајот, кој е одличен извештај на Државниот завод за ревизија, констатира дека ние во основа немаме скрининг програми, односно со опфатот од 5 до 15 отсто сме далеку од европските стандарди од 70 отсто опфат, а од оваа година треба да биде 80 отсто. Она што Министерството за здравство го прави е прво да се реши инфраструктурата неопходна за мамографии. Значи првиот чекор ни беше да обезбедиме опрема за дигитални мамографии во сите поголеми центри, рече Клековски.

Во моментот, како што нагласи, правеле евалуација и реобмислување на скрининг програмите и оти утре ќе учествува на работилница со претставници од здружението на пациенти Хема-Онко и со стручни лица од странство, вклучувајќи ја и директорката за националните скрининг програми од Словенија, на која ќе разговараат како да ги направат поефикасни програмите.

– Денеска доаѓам од еден настан за промоција на превенција и рано откривање на ракот на дојка, во Клиничката болница – Штип. Промовиравме мултидисциплинарен тим кој се состои од ренгенолози, онколози и хирурзи, чија задача ќе биде да го скратат патот на потенцијално болните до третман. Исто така ќе бидат направени 180 вонредни мамографии во викенди за да се надомести листата на чекање, додаде Клековски.

Во однос на податоците и состојбата со мамографијата во Клиничката болница – Тетово најави писмен одговор.

Фото: Принтскрин