Европската Унија останува стратешка цел на државата и во тој поглед нема никакво поместување – порача премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање на Арбана Пашоли од Европскиот фронт за стратегијата на Владата за деблокирање на евроинтегративниот процес и отворањето на преговарачките поглавја.
– Европската Унија останува наша стратешка цел и тука нема поместување ниту милиметар. Ние сакаме тој процес, како што сме кажале многупати во минатото, да го почнеме и да го завршиме, не само да го почнеме. Гледате како се менува постепено реториката во парламентот од седница на седница, од месец на месец, од година на година, кога и самите вие велевте дека ова е решение за членство, сега велите дека е решение за почеток на преговори, што е точно, ова е решение за почеток на преговори – истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека Владата води дијалог со Бугарија и понуди опозицијата да биде директно вклучена во процесот.
– Во овој дијалог што го водиме со Бугарија, апсолутно, еве вие како здружена опозиција на неколку политички партии, предложете претставници да бидат дел од тимот што ќе го води тој дијалог со нашиот источен сосед. Ние апсолутно тоа ќе го почитуваме – нагласи премиерот.
Во одговорот тој оцени дека актуелната состојба е последица на политиките на претходната власт на СДСМ и ДУИ. Според Мицкоски, Владата во моментот работи на промена на перцепцијата кај европските партнери и на отворање простор за деблокирање на процесот.
– Тој процес е бавен, но се случува и тоа е реалност – рече тој додавајќи дека промените може да се видат и преку неодамнешните контакти меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, како и средбите со еврокомесарката Марта Кос.
Премиерот најави дека следниот чекор ќе биде усогласување на акцискиот план за малцинства, документ што, како што посочи, е прифатен од 26 земји членки на Европската Унија, но не и од Бугарија.
– Зашто е важен овој акциски план за малцинствата. Дури и утре да одлучите да го промените Уставот на начин на кој сте одлучиле, повторно тоа нема да биде доволно за да ги продолжиме преговорите бидејќи треба да имаме усогласен акциски план за малцинства. Така што, ние најпрвин ќе го усогласиме акцискиот план за малцинства – рече премиерот повторувајќи дека и опозицијата е поканета да учествува во дијалогот.
Фото: принтскрин




