Македонската репрезентација со четири порази ја започна Лигата Б на Лигата на нации. Со тоа започнаа критиките кон селекторот и фудбалерите.
Масар Омерагиќ, претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, на гостувањето на емисијата „Спорт Фокус“ на ТВ Телма јавно застана во одбрана на Гоце Седлоски по критичките напади и притисоци насочени кон него.
„Апсолутно ја има поддршката Гоце Седлоски. Јас не сум човек што луѓето вака лесно ги пушта низ вода посебно кога ќе влезете во вакви процеси. Гоце Седлоски своето знаење го покажал со освоените титули и Купови, исто и последните селектори почнаа лошо дури и со послаби противници. Тие немаа вакви противници, од ваков ранг, и имаа лоши односно променливи резултати. Тоа е разбирливо во фудбалот, треба почеток на привикнување, играчите да го разберат неговиот карактер, неговиот начин и размислување. Мислам дека преголема е критиката врз него, неоправдани се нападите, но свесни сме сите што сме на овие позиции дека сме подложни на напади, навреди и критики, тоа е составен дел од фудбалот. Седлоски ја има поддршката од сите нас и ќе продолжи. Знаеме дека ова не е лесно.
Ние и претходно бевме во Ц дивизијата со години и тоа не беше трагедија. И се губеше од Ерменија со 0-4 и не се бараше ничија оставка. Бевме 150. место на ФИФА-листата и немаше вакви работи. Критики мора да има, тоа е нормално. Посакувам на последните два меча да видиме игра, енергија, напредок, шанси, да дојдат и головите. Нам ни се битни квалификациите за Европското првенство.
На пример Барбарез во БиХ го навредуваа во земјата заради високите порази, но потоа се пласира на Светското првенство. Криза на резултати има секаде. Една Романија, со селектор како Хаџи, ги загуби сите натпревари. Со посилни играчи, во посилни клубови. Огромна држава со повеќе жители. Сега ја плаќаме сметката на минатото неработење, каде имаше селектори без лиценца во младите категории, каде место во младите репрезентации се купуваше со пари. Каде селектор до 21 беше книговодителот на претседателот. Не работеле во минатото, ние сега тоа го исправаме. Ама, тоа не можеме со Христов, Пандев, Новески, Најдоски, да го поправиме тоа што ни е оставено во кратко време. Немаме бенефит од Европското првенство, што се направи по него?
Кога последен играч е гурнат во оган како Гаштаров? Кај нас се дебитираше во репрезентација, 26-ти играч во чешка или словачка лига, а во домашно првенство не се гледаат играчите што играат по 90 минути. Мора да се постават некои правила. Мора да мислиме што за година, две, три“, рече Омерагиќ за Телма.
Првиот човек на мак-фудбалот потоа ги образложи и повиците на фудбалерите од домашното првенство.
„Двата шпица кои се повикани од македонското првенство имаат дадено заедно 36 гола. Асистенции едниот седум, другиот пет или шест. Колку имаат другите шпицови што беа во конкуренција? Сакате фудбалски да зборуваме? Не бегам од ниедна тема, затоа што тие од другата страна што критикуваат мислат нешто. Видете ја статистиката. Лесно е да се критикува, но ако ние сами си ја потценуваме лигата, нема другите да ни ја ценат. Не е некој виновен ако е нечив син. Ако е така, ајде сите да ги исклучиме од фудбалот. Тој играл во Вардар пред јас да бидам претседател. Ќе постои критика затоа што јас сум претседател и секогаш ќе се бара некаква конекција. Ние мора да ги поддржиме нашите клубови и првенство. Тврдам дека нашето првенство има таленти, мора само да ги поддржиме“, заврши првиот човек на мак-фудбалот.
Сениорската репрезентација на Македонија до крајот на годината ќе одигра уште два натпревари во Лигата на нации, а во декември ќе ги дознае и противниците за квалификациите за следното Европско првенство.




