Украинскиот напад со беспилотни летала врз руската област Рјазањ предизвика пожар во рафинеријата за нафта, изјави денеска гувернерот Павел Малков.

Тоа е прв украински напад врз руска енергетска постројка откако американскиот претседател Доналд Трамп пред четири дена изјави дека Москва и Киев постигнале договор за прекин на нападите врз енергетската инфраструктура. Но, примирјето не го потврдија ниту Русија ниту Украина.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за „Фајненшл тајмс“ изјави дека Киев ќе ги продолжи нападите врз руските рафинерии.

– Забраната за напади врз рафинериите е укината. Завршивме со тоа, истакна Зеленски.

Претходно, Зеленски наведе дека Русија не го почитува примирјето и не ги почитува изјавите на американскиот претседател.