Бугарската држава низ историјата секогаш наоѓала истомисленици во Македонија, а денес таквите политики ги препознава кај претставници на СДСМ, порача пратеникот Љупчо Пренџов во гостувањето во „НАТКАСТ“ кај Љупчо Цветановски.
Пренџов, говорејќи за односите меѓу Македонија и Бугарија и актуелните политички случувања, оцени дека обидите на Софија да влијае врз македонските национални прашања низ историјата имале поддржувачи и во самото македонско општество.
-Секогаш кога Бугарија доаѓала на овие простори, секогаш кога се обидувала да изврши каква било асимилација, за жал, и тогаш и сега, имала сојузници меѓу нас Македонците, истакна Пренџов.
Тој направи паралела меѓу историските случувања и денешната политичка состојба, посочувајќи дека во минатото таквите личности останале запаметени по својата негативна улога во македонската историја, додека денес, според него, нивните позиции се јавно препознатливи.
-Мене ми е многу жал што секогаш бугарската држава наоѓа истомисленици во рамки на македонското општество, кои повеќе ги држат позициите на Бугарија отколку на Македонија, рече Пренџов.
Во таа насока, тој директно ја посочи СДСМ, споменувајќи ги поранешниот премиер Зоран Заев, како и Бојан Маричиќ и Никола Димитров, кои, според него, имале значајна улога во политиките кон Бугарија.
Пренџов оцени дека разликата меѓу минатото и сегашноста е во тоа што денешните граѓани имаат многу поголем пристап до информации и можат самите да проценат кој какви политички позиции застапува.
Пратеникот беше дециден и во оценката за опозициската партија, тврдејќи дека СДСМ, по преземањето на раководството од Зоран Заев, сè повеќе ги усогласувала своите ставови со позициите на државите со кои Македонија има отворени спорови.
-СДСМ е политичка партија која има целосно исти ставови со сите оние со кои ние имаме спорови, порача Пренџов во „НАТКАСТ“.




