Италијанскиот премиер Џузепе Конте денеска соопшти дека на 47-те мигранти кои се наоѓаат на хуманитерен брод крај брегот на Сицилија денеска ќе им биде дозволено да се симнат од бродот.

Со ова би се завршил последниот европски спор околу мигранти. Со бродот Си Воч 3, кој две недели беше во близина на брегот на Сицилија додека чекаше да му се одобри пристаниште, управува германска хуманитарна организација.

– За неколку часа мигрантите ќе го напуштат бродот, изјави  Конте во Милано.

Тој вчера соопшти дека пет европски земји – Германија, Франција, Португалија, Малта и Романија се согласиле да прифатат некои од мигрантите. Конте денеска додаде дека и Луксембург се согласил да прими некои од нив, и оти неколку мигранти ќе останат во Италија.