Во моментов има повеќе католици во Африка отколку во Европа, објави денеска Ватикан, презентирајќи ги најновите статистички податоци за Католичката црква собрани од неговата новинска агенција Фидес.
На крајот на јуни 2024 година, во светот имало вкупно 1,422 милијарди католици, што е 17,8 проценти од светското население, или 0,1 процент повеќе од претходната година.
Околу 20,3 проценти од католиците живеат во Африка, а 20,2 проценти во Европа. Двете Америки сочинуваат 47,7 проценти од католиците, Азија 11 проценти, а Океанија 0,8 проценти.
Според минатогодишната статистика, што се однесува на крајот на јуни 2023 година, во светот имало 1,405 милијарди католици. Околу 20 проценти од нив живееле во Африка, а 20,4 проценти во Европа.
Агенцијата Фидес, исто така, регистрирала 5.525 бискупи и 407.421 свештеници низ целиот свет. Во исто време, таа истакна дека бројот на свештеници, кој се зголемил за 425, се зголемил за првпат по пет години.




