Бугарија побара од генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, и од врховниот командант на сојузничките сили за Европа, Алексис Гринкевич, да ги зајакнат воените капацитети, вклучувајќи ракетни системи, системи против дронови и патролни авиони, изјави денеска бугарскиот министер за одбрана Димитар Стојанов.
„Побаравме цел можен спектар – ракетни системи, системи против дронови и патролни авиони“, изјави Стојанов пред новинарите во Софија, каде што присуствуваше на прославата на празникот на бугарските воздухопловни сили, објави БТА.
Тој додаде дека од НАТО е побарано и да демонстрира воена сила на бугарска територија и во територијалните води на оваа земја.
Стојанов изјави дека сојузниците имаат ограничени можности, бидејќи Романија и балтичките земји се заинтересирани и за дополнителни капацитети.
Тој истакна дека е потребно Бугарија, Романија и Турција да развијат заедничка стратегија за дејствување во регионот на Црното Море.
Тој најави дека очекува наскоро да одржи состанок со министерот за одбрана и началниците на Генералштабовите на Турција и Романија, истакнувајќи дека Бугарија има политичка поддршка од балтичките земји.
„Интензитетот на нападите во Црното Море се зголемува секој ден“, рече Стојанов, потсетувајќи на нападите во територијалните води на Романија.
Според него, овие настани укажуваат на потребата од модернизација на бугарските вооружени сили.
Бугарскиот министер оцени дека, и покрај распоредувањето на сили и ресурси во Романија, балтичките земји и Полска, не е можно да се обезбеди целосна безбедност.
Тој додаде дека и Русија и Украина имаат модерни технологии, но дека нападите со беспилотни летала и балистички ракети продолжуваат.
Бугарија, како што изјави, се обидува да ги намали ризиците со свои ресурси и издвои средства за кинетички напади и надзор.
Во моментов има два системи за извидување во своите води, додека трет, сосема нов систем се очекува да пристигне до крајот на неделата.
Стојанов, исто така, рече дека вчерашниот состанок на Европската Унија бил фокусиран на нападите во Црното Море, изразувајќи надеж дека ќе следи брз одговор и зајакнување на бугарските капацитети.
Зборувајќи за бродот „Челзи 3“, бугарскиот министер изјави дека тој се наоѓа на сидрото, на околу 10 километри источно од Лозенец, и дека се очекува да започне нова операција за влечење.
Претходната операција беше прекината вчера поради временските услови, а се очекува бродот денеска да биде одвлечен до Бургас.




