Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговиот руски колега, Владимир Путин, не е заинтересиран за мировни преговори. Тој, исто така, го критикуваше договорот на САД со Москва во врска со извозот на руски дизел, истакнувајќи дека тоа „ќе му ги наполни џебовите на Путин“, обезбедувајќи средства за финансирање на војната против Украина.

– Путин во моментов не сака мировни преговори, во каква било форма. Тој си игра со зборови. Едноставно кажано, тоа делува како пародија на вистинска желба за ставање крај на војната, изјави Зеленски на прес-конференција во Брисел каде што учествуваше на самитот на Европската унија.

На самитот, лидерите на ЕУ изразија поддршка за Зеленски и за Украина.

Украинскиот претседател забележа и дека брзината на сателитските комуникации што ги обезбедува „Спејс икс“ (SpaceX) на Илон Маск – кои се клучни за одбраната на Украина – сè уште не е вратена на претходното ниво. Сепак, тој напомена дека услугата „постепено се обновува“ по падот на перформансите во текот на изминатите неколку дена.

– Во изминатите денови имаше ограничувања на брзината на системот, што значеше дека не можевме да ги собориме дроновите „Шахед“ кои користат млазен погон, посочи Зеленски, опишувајќи ја ситуацијата како „многу болна и многу непријатна“.

Прашањето за сателитите дополнително ја зголеми загриженоста во Украина, по најавата на Трамп од 9 октомври дека тој и Путин, за време на телефонски разговор, постигнале договор за олеснување на продажбата на руски дизел на глобалните пазари – вклучително и во САД, каде што високите цени на горивата дополнително ја усложнуваат позицијата на Републиканската партија на Трамп пред изборите за Конгресот на 3 ноември.

На прес-конференцијата, Зеленски истакна дека „благодарение на овој договор за дизел, парите повторно ќе почнат да се слеваат во Русија“.

– Тоа не е доволно за да се компензира влијанието на ситуацијата во Ормуската Теснина врз глобалните пазари. Тоа директно ќе ги наполни џебовите на Путин со средства за финансирање на оваа војна, рече украинскиот претседател.

Американскиот претседател Доналд Трамп на 15 октомври за „Њузмакс“ изјави дека мир меѓу Русија и Украина е можен само доколку Зеленски се повлече од функцијата претседател.

– Зеленски не е човек со кој лесно се соработува. Тој не сака договор. Тврди дека сака, но всушност не сака. Не, не сум голем љубител на Зеленски, рече Трамп, додавајќи дека иако верува оти двајцата лидери сакаат мир, за него е потешко да преговара со Зеленски отколку со Путин.

Заленски, пак, во интервју за „Фајненшел тајмс“, одговори дека Украина ќе продолжи да ги напаѓа руските енергетски постројки, со оглед на тоа што Москва не престанала со нападите врз украинската енергетска инфраструктура.

Тој, сепак, најави дека Киев ќе продолжи со разговорите со американскиот преговарачки тим во текот на наредните денови.

Зеленски на средбата со европските лидери во Брисел побарал поддршка за противвоздушната одбрана пред претстојната зима. Осврнувајќи се на американските системи „Патриот“ (Patriot), украинскиот лидер изјави: „Повеќето системи PAC-2 и PAC-3 моментално се испраќаат на Блискиот Исток. Јавна тајна е дека ние не сме приоритетна дестинација за овие системи“.

Тој додаде дека неговите соговорници од ЕУ се свесни за „апсолутниот минимум“ од потребите на Киев за оваа зима, напоменувајќи дека во Европа има доволно вакви системи за Украина да може да ги преброди претстојните зимски месеци.