Повеќе од 80 проценти од уапсените за време на насилните протести низ Франција во текот на викендот ќе се соочат со кривични пријави, изјави денеска францускиот министер за правда Жерал Дарманин.
„Од 2.331 лица уапсени во Франција од саботата, 70 проценти се возрасни. Повеќе десетици учесници во немирите моментално се во притвор, вклучувајќи 13 во Марсеј“, рече Дарманин.
Дарманан во интервју за јавниот телевизиски сервис „Франс 2“ рече дека крајната левица претставува „слаба точка“ за француските разузнавачки служби, кои играат важна улога во борбата против тероризмот и организираниот криминал.
„Француската разузнавачка служба е на чело на борбата против исламистичкиот тероризам, таа е силна против организираниот криминал, таа е важна во соочувањето со странското мешање, но очигледно не знае како правилно да се бори против крајната левица“, рече Дарманин.
Министерот оцени дека една од главните закани за Франција во наредните години би можеле да бидат ултралевичарските групи кои, според него, се стремат да ги дестабилизираат државните институции.
Министерот за правда, исто така, изрази поддршка за министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез, кој му ја понуди својата оставка на претседателот Емануел Макрон по немирите, но таа не беше прифатена.
„Многу е тешко да се биде министер за внатрешни работи. И покрај неуспесите во одржувањето на редот забележани овој викенд, го поддржувам Лоран Нуњез“, рече Дарманин.




