Вашингтон повторно ги отфрли обвинувањата за намерно забавување на сателитскиот интернет од системот „Старлинк“ што Украина го користи за воени цели.
– Никој во Белата куќа не наредил некому да го забави интернетот или да ја намали брзината, со цел одредени беспилотни летала да не можат да го користат, изјави американскиот државен секретар Марко Рубио.
Тој не прецизираше што ги предизвикало проблемите. – Тоа се случи, но според моите сознанија, состојбата е нормализирана, рече Рубио.
Потврди дека Киев користи сателитски интернет за летови на беспилотни летала, но негираше дека Украина има пристап до воениот интернет-систем „Старшилд“ (Starshield), нагласувајќи оти „Старлинк“ и „Старшилд“ се различни системи.
-Старшилд“ е договор со американската војска. Тој нема никаква врска со Украина. Знам дека Украина сака пристап до „Старшилд“. Тие побараа пристап до него за да можат да изведуваат напади длабоко на територијата на Русија. Но, во моментов, тие немаат пристап до него, рече Рубио.
Во средата, од Украина пристигнаа извештаи за проблеми при користењето на сателитскиот интернет „Старлинк“. Според овие извештаи, беспилотните летала ја губеле врската кога се движеле со брзина поголема од 160 километри на час, а понекогаш и при помали брзини.
Кратко потоа, претседателот Володимир Зеленски потврди дека услугата е забавена. Сепак, Белата куќа и Илон Маск, сопственикот на „Старлинк“, ги отфрлија обвинувањата за намерно ограничување на функционалноста.
И покрај спротивните извештаи во украинските медиуми, Зеленски и понатаму тврди дека ограничувањата сè уште постојат. Украинскиот претседател, исто така, во повеќе наврати изнесе тврдења за намерно ограничување на функционалноста.




