Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска соопшти дека интензивно се работи на обнова и модернизација на Зоолошката градина во Скопје, со реновирање на постојните и изградба на нови живеалишта за животните.

-Со силна посветеност и конкретни дела ја модернизираме скопската Зоолошка градина, место во кое растеле генерации, се создавале најубавите детски спомени и се раѓала љубовта кон животните и природата. Токму затоа, нејзината обнова за нас е голема одговорност. Скопје заслужува Зоолошка градина со која ќе се гордее, а животните заслужуваат квалитетни услови, стручна грижа и достоинствен третман – напиша Ѓорѓиевски на социјалните мрежи.

Тој информира дека во изминатиот период се заменети крововите, поставени се нови огради кај лавовите и дополнителни заштитни огради, изграден е моторички парк за најмладите, а во тек е и обновата на платото пред Зоолошката градина.

-Нашите заложби се насочени и кон збогатување на животинскиот свет со нови видови, со соодветни живеалишта и услови приспособени на нивните потреби. Секој чекор мора да биде воден од грижата за животните и од одговорноста што ја имаме кон нив – наведе Ѓорѓиевски.

Според него, целта е ЗОО Скопје да прерасне во водечки центар за едукација, заштита на природата и хуман третман на животните.

-Создаваме подобри услови за животните, посетителите и вработените, со нови содржини кои ќе ја направат секоја посета побогата, поубава и поучна – истакна скопскиот градоначалник.

Ѓорѓиевски посочи дека Зоолошката градина овој месец одбележува еден век постоење, нагласувајќи дека јубилејот го пречекуваат „со работа и со цврста решителност обновата да продолжи“.

-Заедно, ја градиме иднината на ЗОО Скопје, со цел да биде една од најдобрите зоолошки градини на овие простори! За нашето Скопје и за генерациите што доаѓаат! – порача Ѓорѓиевски.