Издавачката куќа „Литера“ отвора конкурс за авторски текстови за сликовници под мотото „Градови полни приказни“, повикувајќи ги сите автори да ја искористат својата имагинација и да создадат оригинални приказни инспирирани од македонските градови.

Во фокусот на конкурсот се шест градови – Гевгелија, Битола, Охрид, Скопје, Прилеп и Куманово, од кои секој ќе добие своја сликовница, исполнета со приказни што ќе им ја доближат локалната култура, традиција и духот на градот на најмладите читатели.

Најдобрите авторски текстови ќе станат дел од новата едиција сликовници на „Литера“. Целта е преку детската литература да се доближи Македонија до најмладите, но и нејзините приказни да се претстават надвор од границите на земјата.

Конкурсот е отворен од 19 октомври до 10 ноември 2026 година, а заинтересираните автори своите текстови можат да ги испратат на електронската адреса literafestival@gmail.com.

„Градови полни приказни“ е покана за сите што сакаат да создаваат, да раскажуваат и да ги претворат македонските градови во светови полни со фантазија, авантури и незаборавни ликови.

Зашто секој град има своја приказна – а можеби токму некоја од нив ќе стане омилената сликовница на новите генерации читатели!