„Сега ми е полесно, душата на мојот сопруг ќе мирува, во вечноста“, напиша Гордана Дренкоска по нејзиното телевизиско сведоштво за драматичниот случај во кој таа и нејзиниот сопруг беа осомничени во истрагата за убиството на матичниот лекар Ацо Трповски.

Две и пол години по апсењето, Дренкоска сè уште бара одговори од институциите за случувањата што, како што наведува, оставиле длабоки последици врз нејзиниот живот. Иако таа и нејзиниот сопруг беа ослободени од притвор поради недостиг од докази, според нејзините наводи, нивниот автомобил и личните предмети сè уште не им се вратени, а барањата испратени до надлежните институции останале без одговор.

Случајот повторно го привлече вниманието на јавноста по нејзината сторија на Телма, во која таа ја раскажува својата страна од приказната и последиците од апсењето и јавната стигматизација. Во меѓувреме, нејзиниот сопруг се разболел и починал, а Гордана продолжила да бара одговори за она низ што поминало нивното семејство.

По емисијата, таа им се заблагодари на сите што ѝ испратиле пораки за поддршка, но упати и силна порака до оние што, како што вели, поверувале во невистината.

„Ама моите браќа, сестри, пријатели, познаници, комшии, колеги, колешки кои поверуваа во таа невистина, сега не ми требаат!“, напиша Дренкоска.

Таа нагласува дека продолжува напред со крената глава, горда на себе и на своето семејство.

„Јас сум борец жена, која го обели образот на фамилијата, затоа живеам и одам напред, со крената глава, горда и исполнета!“, порача таа.

Во истрагата за убиството на Ацо Трповски, кое ја потресе јавноста во март 2024 година, подоцна беа приведени и други осомничени. За Дренкоска, меѓутоа, остануваат отворени прашањата за одговорноста за последиците од првичното сомнение, за задржаниот имот и за молкот на институциите.

Нејзината објава е порака на благодарност до оние што ѝ верувале и ѝ дале поддршка, но и јасна дистанца од луѓето за кои смета дека ја осудиле без да ја знаат вистината.