Велика Британија се соочува со „економска катастрофа и морален неуспех“, бидејќи речиси еден милион млади луѓе не се вклучени во образованието, не се вработени и не посетуваат обука – предупреди денеска британскиот премиер Енди Барнам во авторски текст за весникот „Тајмс“, повикувајќи ја владата да инвестира во успехот на младите наместо да плаќа за неуспехот преку системот на социјална помош.
„Социјалната помош треба да биде последна заштитна мерка, а не почетна точка“, напиша Барнам, истакнувајќи дека следната недела ќе биде објавен долгоочекуваниот извештај за младите и вработувањето, чии препораки тој вети дека ќе ги сфати „сериозно“.
Според најновите податоци на британската Канцеларија за национална статистика, речиси еден милион лица на возраст од 16 до 24 години во Велика Британија не се вклучени во образованието, не работат и не посетуваат обука. Од нив, околу 39 отсто се невработени, додека преостанатите 61 отсто се економски неактивни, што значи дека не бараат работа.
Барнам ја припиша кризата на повеќе фактори, меѓу кои двегодишните ограничувања за време на пандемијата на Ковид-19, социјалните медиуми, образовниот систем насочен кон универзитетското образование, ограничените можности за вработување и пропустите на претходните влади. Тој оцени дека социјалните медиуми ја поткопуваат „самодовербата и чувството на припадност“ кај младите луѓе.
„Ова е економска катастрофа и морален неуспех. И тоа мора да се промени“, напиша
Барнам, критикувајќи го и актуелниот систем на социјална помош за кој тврди дека често обезбедува финансиска поддршка без да им понуди на младите пат кон вработување.
„Денес, системот за социјална помош спроведува процена, исплаќа паричен надоместок и потоа – збогум. Премногу често нема поддршка, нема понуда за стекнување вештини и нема можност за вработување“, додаде тој.
Според британскиот премиер, пристапот на Владата треба да се промени така што прво ќе се утврдуваат амбициите на младите и ќе им се обезбедува потребната помош за нивно остварување, наместо постапката да започнува со процена дали имаат право на социјална помош.
„Заштитната мрежа секогаш ќе биде тука за оние што не можат да работат. Но, ако некој може да работи со соодветна помош, Владата има должност да направи сè што е во нејзина моќ за да го овозможи тоа“, истакна Барнам.




