Италија ќе одобри нови безбедносни мерки насочени кон малолетниците по неколкудневните немири во кои демонстрантите се судрија со полицијата, ограбуваа продавници и оштетија имот.
Заменик-министерот за внатрешни работи, Никола Молтени, изјави за „Радио 24“ дека владата ќе одобри „вонредна уредба“ со која веднаш ќе се воведат безбедносни мерки за кои веќе се расправало во парламентот. Според новите построги правила, органите на редот ќе имаат право да приведуваат лица помлади од 18 години во полициски станици до 12 часа, дури и ако не сториле кривично дело, доколку постојат докази дека претставуваат опасност, изјави вицепремиерот Матео Салвини.
– Сакаме брзо да реагираме кога станува збор за младите – изјави Салвини за радиото РТЛ пред седницата на Владата, додавајќи дека мерките ќе вклучуваат и забрана за младите да посетуваат одредени настани или зони доколку постои сомневање дека ја загрозуваат безбедноста. – Луѓе на ‘ТикТок’ тврдат дека планираат да упаднат во продавници во Комо в сабота. Не можеме да чекаме до сабота попладне за да интервенираме – истакна тој.
Откако ја презеде функцијата во 2022 година, премиерката Џорџа Мелони воведе низа строги безбедносни мерки. Сепак, критичарите сметаат дека тие речиси и не ги решаваат основните причини за криминалот и немирите, а владината статистика покажува дека бројот на затвореници во Италија се зголемил за повеќе од 17 отсто (речиси 10.000 лица) во последните четири години. Адвокатката Марина Проспери од Болоња посочува дека главниот ефект од новите кривични дела е тоа што протестирањето станува поризично, особено за мигрантите кои аплицираат за престој или државјанство.
Најновите немири избувнаа во време кога наглиот раст на трошоците за енергија ги отежнува плановите на Мелони за финансирање даночни олеснувања и зголемување на расходите во буџетот за следната година, што ќе биде последниот буџет пред парламентарните избори закажани за крајот на 2027 година. Покрај тоа, Италија се соочува со сè поголема концентрација на богатството кај најбогатите и со стагнација на реалните плати на работниците со ниски и средни примања. Според податоците на Италијанската централна банка од 2023 година, најбогатите 10 отсто од домаќинствата поседуваат 60 отсто од вкупното нето-богатство, што е зголемување за околу седум отсто во споредба со 2010 година.




