Рускиот претседател Владимир Путин отворено ги таргетира цивилите и ги интензивира хибридните напади низ цела Европа, изјави денеска високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас. Таа предупреди дека ескалацијата на руските напади во Црното Море загрозува човечки животи, регионалната стабилност и глобалната безбедност на храната.

„Русија не победува на бојното поле во Украина. Наместо тоа, Путин отворено ги таргетира цивилите и ги засилува хибридните напади во остатокот од Европа“, рече Калас во обраќањето пред членовите на Европскиот парламент во Стразбур. Калас, исто така, ја нагласи важноста од подобра размена на разузнавачки податоци, зајакнување на одбранбените капацитети и координација со НАТО во случај на сериозни безбедносни инциденти. Таа додаде дека ЕУ, во соработка со меѓународните партнери, вклучувајќи ги Турција и Индија, работи на воспоставување договор за слобода на пловидба во Црното Море.

„Украина предложи таков договор, додека Русија го отфрли… Дипломатскиот ангажман мора да оди рака под рака со континуиран притисок врз Москва и поддршка за Украина“, рече Калас.

Според неа, од средината на јули, Русија ги интензивираше нападите врз украинските извозни рути, поради што Украина губи околу 60 милиони евра дневно од извозот. Калас потсети дека Украина учествува со околу 15 проценти во светскиот извоз на пченка, 10 проценти во извозот на пченица, од 15 до 20 проценти во извозот на јачмен и околу 50 проценти во извозот на сончогледово масло, додека околу 90 проценти од овие производи се транспортираат преку Црното Море.

Таа предупреди дека руските напади врз украинската земјоделска инфраструктура, пристаништата, бродовите, граничните премини и складиштата за жито ги загрозуваат залихите со храна, особено во Африка, Азија и Блискиот Исток.

„Дејствијата на Русија им отежнуваат на луѓето ширум светот да стават храна на своите трпези“, рече шефицата на европската дипломатија. Калас изјави дека глобалните цени на житото го достигнале највисокото ниво од февруари 2023 година и повика на итно воспоставување безбеден премин за цивилни и трговски бродови во Црното Море.

фото: Архива